свадбар (м.)

И утрото, уште со видело, си дојдоа нашите свадбари в село со сите дарови.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И токму го завршуваше Петруш пазарлакот со свадбарите, еве го Стевана од Гудјаково со еден сир биено сирење во едно цедилце.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И пазарот се свршува докај ужина, но нашите свадбари ќе преноќеваат и оваа ноќ, да се почестат и вечерва со тава риби, оти света Петка не дава мевце. A за винце — пак ќе се напијат, ако им остане по некој динарец од денеска, ако не, ќе запише Селчанецот, тако што запиша и Мечето од Пушмарка.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
- Почекајте вие! Да се обави првин венчавањето... - викаа свадбарите.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
И се случи чудна, невообичаена, глетка: по едниот сокак кон црквата тргна поворката со мртовецот да се закопа, а по другиот тргнаа свадбарите со зетот и невестата да се венчаат.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
- Нека ви е срам вам! викаа испијанетите свадбари, - младенци се венчаваат, радост се прави, а вие мртовец ни пикате...
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Сликата е направена од далеку: се гледа дел од куќата и прозорците низ кои ѕиркаат женски и детски глави; чардакот кој е нагрозден од свадбари загледани во орото.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Што ќе ми значеа свадбата и свадбарите, и ѓаволот и јарето, ако го слушав гласот на Јордан Арето, или ако не го гледав орловиот нос на Караѓоз и самиот излезен од сказните, од темнината на приказните оние што ги кажуваа и раскажуваа, ноќта спроти Св.Никола, во топлата одаја на тетин Никола?
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Кај Цепенков тогаш ја сретнав, од нечија уста прикажана, од негова рака запишана приказната на Караѓоз за свадбата и свадбарите, за свирките и тапаните, за невестата и младоженецот, за благословот и празната рака.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)