рулче ср.

рулче (ср.)

Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На тоа дедо ми му одговори вака: - Едно рулче магарето на Петрета не го претоварува, а ако претка таму, Петре ќе знае да му го сврти умот да му оди таму каде што треба да му оди.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Како и да е, потиснувајќи ја болката од разделбата со тоа што се трудеше да се убеди дека сето тоа е природно, за разлика од жена му која како мајка ја преживуваше разделбата како доилка што одбила рулче од боска, Гого продолжуваше да слика (зашто ништо друго и не умееше) следејќи го својот темперамент со истиот нагон и снага.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Кога се враќаше дома навечер од корзо, Баге прво ќе свратеше кај него и ќе го кренеше на раце како рулче - беше лесен како перце и сув како лешник.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Стариот Јосиф го зеде детето од рацете на возбудената Амдие и со него трипати се заврте околу купелот, пред да го брцне рулчето во водата.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Тој ѝ го подаваше рулчето, тој ѝ го поземаше.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Како не го треснаа со мајка ми, покојната, рулчето од земи, додека го држеа в раце?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)