регрутира св. и несв.
регрутирање ср.

регрутира (св. и несв.)

Зеде збор Захаријадис. — Ние не бевме доволно будни, вели, и не можевме да претпоставиме дека непријателот ќе се регрутира и од нашите редови.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Јаничарите се регрутирале речиси од сите Балканци: Срби, Албанци, Македонци, Грци, Црногорци, Бугари...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Бидејќи илегалната продажба главно би исчезнала, малолетниците веројатно не би се регрутирале за дилери, како што е случајот сега.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Зар апсурдноста на повикот од еден државен систем со кој не се идентифицирам може да ме регрутира и да ме испрати на фронт каде ќе ми ги истурат цревата за цел која ми е далечна колку и септичките јами во некое од предградијата на Рио де Женеиро, може да се нарече морален, а моето дрогирање да се оквалификува како неморално?
„МАРГИНА бр. 26-28“ (1996)
Зарем може да се заборави примерот на сеалбанскиот јунак во албанската историја Скендербеј, кој ќе биде победник во три војни објавени на Отоманската империја, по неговото враќање во старата христијанска вера, преобратен уште во детството, подоцна регрутиран во јаничарски војска.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Таа нема за цел да им ја пренесе власта на своите деца, како такви; и доколку не постои друг начин за задржување на најспособните луѓе на врвот, таа би била совршено спремна да регрутира една цела нова генерација од редовите на пролетеријатот.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Во секој случај, како војниче дисциплинирано и мобилизирано пред да го регрутираат, Баге се нацрта - одредениот ден, на одреденото место и во одредено време.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Но тие и така мадро си седеа да не носат модро: знаеја дека прават хумор во бесконфликтно општество, беа свесни дека можат да ја критикуваат само соборената класа и дека нема ништо смешно во новата работничка што се регрутираше од селската сиромаштија, им беше укажано на недопирливите теми и имиња - сето тоа тие го имаа во малиот џеб, па сепак од некаде вадеа хумор, од ѓон цедеа лој.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Родени се во времето на Втората светска војна, растат во времето на Хувер и Макарти, постарите браќа им се регрутирани во Кореја, мајките ги учат дека е срамота да се врти со колкови и да носиш тесни панталони, татковците ги учат дека е срамота да имаш црнец-другар, свештениците ги гушат да клечат на колена секоја пред својот тотем, општеството ги учи дека треба да станат домаќинки и да бидат верни сопруги што ќе израѓаат еден куп деца што ќе гинат по Виетнам - а тие се маѓепсани од Елвис, којшто заводливо врти со колковите, маѓепсани се од Џери Ли Луис и неговите тесни панталони со набабрен шлиц, маѓепсани се од црнецот Литл Ричард кога вели уап-баба-луба-би-ба-буп... и ете, затоа вриштат, затоа што им го бранат сето она што душата им го бара!
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Во доброволечкиот полк биле регрутирани околу 2.400 Македонци, Турци и Албанци.
„Џебна историја на македонскиот народ“ од Група автори (2009)
Од територијата на Македонија српската влада регрутирала вкупно 53.088 регрути (Македонци 44.496; 8.481 Турци и Албанци и 111 Евреи).
„Џебна историја на македонскиот народ“ од Група автори (2009)
Потоа гетото беше окупирано и од имигрантите од Саудиска Арабија, кои со брадите до колена ширеа богата фундаментална култура регрутирајќи млади сережани.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Бил регрутиран уште во почетокот на Втората светска војна и шест години минал на три фронта.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Затоа Татко реши да се вмеша, впрочем, така и беше решено да се работи, низ спротивставување на мислењата до заеднички заклучок: Претходниците на османските јаничари беа римските преторијанци, кои првин беа регрутирани од Италија, а потоа ќе се најдат во неа војници од странско потекло како Балканци, Шпанци, Германци и други.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Почетокот на падот на Империјата започнува кога во јаничарските војски се регрутираат Турци.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тој не се задоволуваше само од основната информација во енциклопедискиот речник на Емил Литре, чии шест големи тома ги донесе од Париз, дека јаничарот бил војник на турската пешадија кој му служел на Големиот Господар, а јаничарската војска, создадена според едни од Орхан во 1330 година, а според други, од неговиот син Мурат I во 1362 година и во неа биле регрутирани христијански заробеници, била уништена од султанот Махмут II во 1826 година, туку посебно инисистираше да се внимава на дополнителното фигуративно значење, кое го претстави авторитетно на својот негуван француски јазик: Il se dit (des janissaires), en mauvaise part, des satellites d` une autirit quelconque!
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)