дуе несв.
дуел м.
дует м.

дуе (несв.)

ТЕОДОС: Што се дуеш како сурлаџија, бре едепсас!
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
— Се дуе како „орел в торба и продолжува да се фали како е арен човек, како ќе попушти на селаните, ако се вади сноп.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Улицата малку го збунува. Застанува, почнува да гледа наоколу, испитува сѐ и сешто и се дуе.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Сенката за да ни докаже дека не се возбудила од тажниот палјачо, почна да збеснува, да се собира и да се развлечува како гасеница, да се дуе како балон, да се истанчува како вретено.
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Па и како е можно да се биде со некој што се дуе, што сака сите да му се поклонуваат.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
кој знае да свири на гајда, прашува со полна уста јадење, и ние со очите го предаваме Флорина Богданоски и Флорин ја донесе гајдата и ја наду и војниците почнаа да ѕенѕаат со газот и тогаш се налути тој старшијата и од раце му ја дрпна гајдата на Флорина Богданоски и, гледај како се свири, му вели и ја дуе гајдата одново, му се црват образите, му се шират како и гајдата, и војниците стануваат, се фаќаат околу трпезите црквински, пијана работа, се фаќаат околу трпезите и после нѐ натераа и ние да играме, а тој свири, беше знаело мртвото, ако војник, беше знаело да свири и ние се фаќаме, било пишано да играме пред мртвите,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Па се дуеш, па се лутиш и сѐ ти е сиво, клоцаш маче, ти се чини тоа ти е криво.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
А меурот стоел на брегот, се смеел, се дуел. Се смеел, се дуел, се смеел, се дуел и - пукнал!
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
- А јас помислив дека сакате да ви ги отпишам долговите, вели Доксим Тренчески и се дуе во образите, ко предојдено тесто.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На сиот глас можев да чујам како се дуе пред момчињата изигрувајќи среќен човек.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
А глувците само се дујат и растат, се креваат ко гнасна сапуница.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Си ги бројам секундите и се дујам ко меур, ко клобурец. Чекам да пукнам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ги дуе образите и врти.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во оној час кога таа се доближи навистина без видливи движења и само малку се надви над моите очи, во оној час кога во возбудата и во душникот почувствував скокоткање на мравји разбудувања, невидлива чучурлига го прогласи денот за почеток на пролетта: ливадите ги покриваат белокруни колениши, се разбудува меѓу шаренолисни крвариги желурок и со пренежен писок бара во капинова грмушка оклопена невеста, и се дуе во стоплена бара жерав пред бели птици со смирени крилја, почнува, мислев, зашто сега и водите и небото се сини и дарежливи со светлост, а на прагот на собата падна парче сонце и се разлеа стопено од своја топлина.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тогаш, го издига жолто-кафеното тело, саска, дуејќи го растегливиот врат сличен на штит, ја отвора челустата со остриот заб, набрекнат од отровната плунка.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
На предното седиште седеше тој; беше свртен во полупрофил; ќелата му беше црвена, вжарена, брадата му беше накострешена; зборуваше нешто, но не можев да слушнам што; при говорењето, една жила на вратот му се затегаше и се дуеше како да ќе пукне; одеднаш, до мене доплови само откршок од разговорот: „Ти мораш да го пријавиш тоа, ако не го пријавиш, ќе имаш последици“, рече тој; рацете му беа спуштени под воланот; десната му беше подадена кон седиштето на совозачот; во еден миг се навали кон назад на седиштето и на другото седиште ја видов Луција; очите ѝ беа затворени, носниците ѝ се ширеа (и денес не знам дали е тоа возможно, човек од десетина метри, наспроти сонцето, да види дека се шират женски носници: дали тоа беше истата онаа слика на Луција од разбојот); по образите ѝ се слеваа солзи; да, сигурно видов дека Луција плачеше за еден миг, а потем престана.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Но место тоа, тој запева, небаре цело време ја дуел гајдата.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Таму немаше чирак, и Бошко важно се дуеше, додека пазарџиите, дојдени да си купат нов самар или да го закрпат стариот, се шегачеа на негова сметка сѐ до попладне, кога веќе мораа да се вратат в село.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Додека Костадинка, Коца, растеше во нејзиниот мев, брчкајќи се во нејзината лошотија, која се дуеше како Тодора со оки да голта воздух, ибн Бајко се прчеше: ете, ѝ го најде лекот. Но, пак се прелажа.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Како што Ане дишеше, тој се дуеше како полно балонче.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Повеќе