сач (м.)

Да легнеш врз да ти легне овој сач на брег да легнеш да оздраве оваа лутина до разголени меса и очи дождови престорени.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Надвор беше сач. Августовското сонце беше во својот зенит и сипеше жар од небото.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Зел земја иловица и исплескал нешто како погача, ама големо и над небо ставил еден сач ко божем за небо... - Не како божем туку вистински.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Понекогаш, Мајка ја печеше питата тикуш и под сач, во дворот.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Чинговци беа месари, мезетеа месо и со ракија, чисто месо само печено никако варено; немаа ништо против и сирењето, особено јакото, како ни против суканото ако е мазник; додека спанаќ и други треви не сакаа ни да видат; а со очи ја јадеа рибата, од пржената пастрмка до белвицата на сач.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Тука имаше и сач (вршник), неколку бакарни тепсии, тави, ѓумови...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Во градината се ширеше миризбата на печеното од под сачот, на различните цвеќиња, на свежината која допираше од здивот на блиската река, од миризбата на печеното тесто со различни вметоци што се ослободуваше од подотворениот сач.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Потоа тикушот се пече во фурна или под сач...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
И за саралија со шеќер или со мед, за мазник - кори печени на сач и клавани една врз друга, та попрскани со млако топена маст, кори за оризник – и тие печени и попрскувани со маст и ориз или кори за лешчалник и фасулник, пак печени на сач та поливани со леќа или грав омекнати во млака овча маст...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
А за баба и дедо, бидејќи немаа заби - киселица, по мерка две шепи пченично и по една – ’ржано и пченично брашно и се печеше во черепна под сач.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Дома за Циљка беа и полните амбари со пченица и брашно и ношвите и кр’нгот и тепсијата и черепната и сачот и сукалото...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)