одѕвива несв.

одѕвива (несв.)

А во него, детенце, постоеше и една игра за тоа дека сонцето во нив е еден разигран и разбеснет лав, со сето свое здравје околу нивното градилиште, што одѕвиваше од смеење.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
- Гледај го Македонецот, - се одѕва некој. - Се фали, - рече друг.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
И луѓето тие денови забораваат на гробиштата, истрчуваат пред селото и го пречекуваат Лоте со музика, со свирки, шиштат свирачите околу него со свирките што им ги купи за да свират весели песни, а не тажни и погребни; им лепи Лоте на челото пари, шетаат шишињата со пијалок од уста на уста, ги шири Лоте рацете како птица кога лета, одѕвиваат песните, до небо се креваат; излегуваат луѓето по прозорците и балконите, го поздравуваат Лотета, му мавтаат со раце, истрчуваат и му се придружуваат, се множи распеаната врволица и селото добива весел и празничен изглед.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Влегуваат во кафеаната на Јандро, ги запоседнуваат сите маси и столови, се точи, се пие, нарачува Лоте за секого, клокоти и одѕвива кафеаната од песни, од свирки, напнува од викот просторот внатре и, се чини, секој миг ќе пукне како меур; им наздравува Лоте на сите, му наздравуваат тие нему; станува, и мавта со рацете на музиката, и дава знак кај треба посилно, а кај треба потивко да свири, го следат свирачите под такт, го следат луѓето: му се пулат в очи, в уста и ги сливаат гласовите како речни брзаци во една заеничка утока, во една единствена мелодија што се шири полека, плавно.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
- Дачооо, еј Дачооо... - одѕвива гласот на ноќната тишина и се губи низ планината. - Каде си, јави се...
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Наеднаш Пансионот започнува да одѕвива од кучешки лаежи.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Толе проведувајќи го времето постојано во природата меѓу животните и птиците, им го знаеше нивниот немушт говор и ги имитираше: кога ќе зарикаше како магаре, сите магариња што ќе го чуеа во селото рикаа; кога ќе замукаше, како крава, сите крави мукаа; кога ќе залаеше како куче, се одѕвиваа кучињата; кога ќе замјаукаше, се одѕвиваа мачките; кога ќе закукаше, му се јавуваше кукавица.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)