леплив прид.

леплив (прид.)

Еднаш, како секојпат, Мече го возеше количето со полна тенеќија студена изворска вода, по патот посипан со жешка леплива прашина.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
- Е, гледаш. А јас ги имам, одново се пофали оближувајќи ги лепливите усни.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Поминав со рака преку косата и осетив под прстите густа и леплива влага.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Во хаосот околу нив лушпи од ореви, допушени црноглави гасеници во пепелницата, лепливи лочки ликер и нејасни привиденија со недооформени лица.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Ги пречека леплив мрак и нечија воздивка.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Во оваа ноќ низ згрчените прсти на гранките нема да се слеваат лепливи шурки на месечината.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Виде лепливи, млечнобели дланки на полуголи и голи мадони, набабрени дојки од модро млеко, глиненоокерни, сиви, лигави скитници, колари, просјаци, снобови со гладни челусти, гладни грла, гладни очи, и беспризорни, и безработници, и провалници.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Како сите порои да минуваат низ ова село, кај и да стапнеш пропаѓаш до коленици во густа леплива смола.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Тромаво, скоро сонливо се огласи гитара; нејзините акорди беа лепливи и се плеткаа во мрежата на синиот чад.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Лепливите зборови како восочни конци му се плеткаа околу јазикот: „Ти... Нека мине возот... Брат си... Важи?...“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Лепливиот млаз на времето споро течеше крај нив.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Гледаше и чувствуваше леплив мраз во утробата: прстите на хирургот трепереа како нишки трева под благ ветар.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
На клепките му лежи лепливата тежина, не можам да ги отворам.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Мислите му беа жолти и лепливи, се кончеа скришум и ползешкум, многу слични на една трева, што ја викаат самовилска коса и што расте по најзаглушните места и најниските присои, едни сосема лесни, тивки, шупливи мисли, токму како таа несигурно поникната тревка.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но, само по три чекори по замрзнатиот чардак на снегот, тој можеше многу добро да види како кон неговиот зајко се приближува една голема мачка, со своите меки, еластични стапки, со своите тивки, чиниш лепливи пречекорувања на кусите нозе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беше една дебела матица живот, натопена со највистинската густа и леплива тага, што не се признава.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Носи туника која била бела, а сега е намачкана со густа, црна, сѐ уште леплива боја.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Седам во тремот додека наближува дождот него летните запурнини го навестуваат премалените треви пеплосаните лисја на црешата лепливите мириси на летото.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Дршката беше топла и леплива од крвта на отец Висарион.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Карнаварата испушташе црвени цветчиња со кои ги намамуваше инсектите: кога ќе ѝ слетаа на листенцата, го затвораше цветот и ги впиваше во себе, ги смукаше; сувоземната утрикуларија лисјата ги свиткуваше во вид на труба, на уста, и штом ќе влезеше некој инсект внатре - таа го затвораше како во стапица и го цицаше со своите ситни влакненца; водената утрикуларија испушташе тенок леплив меур на кој инсектите како на смола се лепеа останувајќи заробени.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Повеќе