касај м.

касај (м.)

Претседателот, сиот блед и изгубен во вратата, поцеден по муцката од маста од пржените јајца, што ги поручуваше, со касајот в уста, да го акнеш со тој чекич, истапен по камењата, што ги кршеше со него во ѕидањето и сиот бел од исушен малтер, ех, зошто не го стори тоа, зошто...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
- Да не си чул нешто, браче Огнен, вели Уља со касајот в уста, да не си разбрал нешто за Мирчета мој?
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Олцкаво вака. Можеш на два касаја да го изедеш.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Нели такво нешто прават подлеци, кој се осмелува од гладни деца да скуси, од нивниот касај да дрпне?
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Сум го делела касајот, што се вели.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— А таму нема со што да го залажеш касајот, велам, да можеш да го голтнеш...
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ми ги брои касаите, залаците.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се врати дома Петре, ја кладе главата меѓу дланките, се потпре врз исушениот орев и три дни и три ноќи од место не се мрдна, ни око отвори ни уста зина, ни касај касна, ни вода пивна.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Мислам дека самиот приод кон храната, однесувањето кон секој нов касај; насмевката, сериозноста или загриженоста на поединецот кој внимава на секој свој но и на туѓите гестови, сите тие поединости преставуваа посебни приказни потчинети токму на тој одамна совладан механизам.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Со првиот благослов почнуваат и првите касаи, првите касаи одат со првите голтки, а уште со првите голтки почнуваат првите извици.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Погледнете го јаболкото додека не е начнато а потоа утврдете на што ќе заличи откако ќе бидат сторени спомнатите касаи – ми објасни Никола Леко алудирајќи на потребата да се користи здравиот разум.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Обрнете внимание на што личи тој плод кога ќе му откинете два- три касаи.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Ти си првиот кој ме внесе во алејата на љубовта, ти си првиот кој ми го дари првиот касај на сласта, беше главен актер и сведок на кого по сопствена желба му ја дарував својата чест.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)