кае св. и несв.

кае (св. и несв.)

Поведението на бугарскиот народ кон руската војска и на бугарската интелигенција кон руските власти и дипломати беше такво што Русите илјада пати се каеја за своето занесување со „братушките”.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Сепак го предупредив: - Не обидувај се да ме нападнеш. Ќе се каеш.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
На моменти се каеше оти ќе си го подгази девојчето, може и да остане кржлаво, недодоено (оти во Мариово децата ги дојат три години); може да ѝ се разболе чувај боже“; а од друга страна, пак, се радуваше при мисла и увереност дека тоа што ќе дојде ќе ѝ биде „баце“ на Нешка.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
И овие сите паѓаат на земја, удирајќи се со тупаници в гради, во знак дека се каат.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
На сите нејзини воздишки и каења ѝ даваше кураж и ѝ ветуваше дека и таа нејзина мала Неда ќе ја пушти на училиште.
„Крпен Живот“ од Стале Попов (1953)
- Ех, - чинеше Бошко, но тогаш Луман му згрме: - Верувај, оти ќе се каеш!
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Протестираа поповите и Димитрија, молеа да им ги врати, луто каејќи се што му ги дадоа в раце, но тој им се закани дека сите ќе ги затвори и исколе, та се вратија, ветувајќи му дека ќе се покорат на неговата власт штом не ги признава старите фермани.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Од некаде допираше неуморно и ритмичко удирање на тарабука, потоа, во исто време, на тоа тропање му се придружи чкртање на бунарски чекрег и некаков кавгаџиски баритон. „Не се кајам“, му рече и ги тргна рацете. „Сепак мислам дека веќе не ќе можеме да се сретнуваме.“ Отец Симеон се насмевна - „Не биди сурова кон бронзаниот поет.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
И во сматената свест буквите на Викторија се виткаа и тонеа во темната проѕирност на водата и морничавите усни, задушени од Анините гради, издивнуваат кратко, со призвук на каење и виновност. - Ана, Ана!
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
6. НАДВОР ОД ОРОТО МНОГУ ПЕСНИ ЗНАЕ - мелодија тананика, но зборовите му се туѓи, а на оро штом се фати ќе почне и да се кае дека нозете му се плеткаат по тактови други...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Ќе се каеш, целиот живот ќе се каеш, твојот детински ум те носи во уште поголемо зло, несреќно дете, малечок Леме!
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
И штотуку месечината се поткренала зад ред јасики и штотуку сув ветар удрил во високиот и тесен прозорец на неговата куќа-кула, еден од помошниците на мулазимот со неколку стрелци и бекрии го повикал прегладнетиот непокорник да се предаде: на оној што се кае, алахот и султанот му простуваат.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Но, попот набрзо задрема, и по концептот Дежа Ву, следеше полуција, па каење. Сто години подоцна, истите гаќи ги носеше друг „свет“ човек...
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Вистинска зимска ноќ, а во неговиот поглед тоа прилегаше на една топло расплавена цветна априлска или мајска утринска ледина во која цветовите, испреплеткани со рамката на една заедничка слика, те повикуваат со добрината на играта која, до колку не ја прифатиш, цел живот ќе тагуваш, ќе се каеш, ќе болуваш.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
А јас, зар да се кајам? Тешко на оној што доцна се кае!
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
„Ова, за наликувањето, не го реков со лоша намера туку бидејќи ти заблазнувам“, објасни како да се каеше Огнена и со насмевка на виновност побрза да си ја прибере раката од коленото на мајка ми.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Свесен беше дека со тоа, а и со своето упорно практикување на новите пристапи во дијагностичката и тераписката практика сѐ повеќе се оддалечува од своите колеги, а пред сѐ од својот шеф, кои сите заедно не само што се каеја дарувајќи го со незаслужени титули и на тој начин го изедначиле да им биде (пак незаслужено) рамноправен, туку и сѐ погласно се обидуваа да го дискредитираат во лекарските кругови и да го прикажат како шарлатан од најдолен тип, кој со вербална вештина се претставува за она што не е.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Уште додека ги изговараше тие зборови, од изразот на неговото лице видов дека се кае за она што го кажува.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
И сега гледав во оваа Амалија која немаше ништо заедничко со онаа Амалија, немоќта на оваа жена која умираше ме потсетуваше на мојата некогашна немоќ, а јас не сакав, или не можев, во себе да го разбудам ѕверството кое во себе некогаш го имаше таа и со кое ме тераше да тонам сѐ подлабоко и подлабоко, ѕверството со кое – ако го разбудев во себе - навистина ќе бев нејзина ќерка не само по крв, ѕверството кое требаше да ја натера да страда заради сопственото ѕверство, моето ѕверство кое требаше да ужива во нејзиното очајно каење.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Како еден од најупотребуваните се смета џиткањето од зграда кое секогаш завршува со фатални последици освен доколку не намеравате да се фрлите од понизок кат па наместо да ја исполните намерата која сте ја замислиле, да се каете што сте останале инвалид со скршени нозе и ребра.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Повеќе
FlexiMac
 менување на македонски глаголи