грака несв.

грака (несв.)

Во далечина, во оловната, мртовечка далечина, гракаат гаврани. Поцрни се отколку лете, и погладни.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Надвор, по периферските дрвја, луто гракаат чавки.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
И се што беше гласно беше невидливо - непознатите пеачи, дрвените тркала на старите коли, гракањето на разбудените чавки.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
По небото, како синџир едноподруго летаа јата диви гуски. Гра-гру! Гра-гру! - се носеше нивното гракање во синиот небесен простор...
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Нас нѐ прелетуваат гаврани, гракаат и се губат зад меѓите, во сивилото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На каменот му е студено само од змијата. Ние гракаме и загазуваме во реката.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ние вревиме, гракаме, кракаме. Му кажуваме за улерата дека е пред село и дека ќе почне да жние.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Птиците што се засолнуваа во неа, се вознемирија; кружеа околу црквата, гракчеа панично.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Се разбудив од својата смрт многу подоцна и на неколку чекори од заодот над непознатите ридишта над кои гракаа врани или пропаски со попусто тргање на крилјата за педа да се подалеку од местото за кое ги држеше некоја сила.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Над колата леташе Гавруш Гаврушевски. Со гракање ја дополнуваше песната на ортаците и трговците со ништо. Опа, опа! Пупи Паф ќе копа!
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Децата, шест на број, речиси сите на иста возраст, ќе зинат и како чавчиња ќе гракаат и ќе чекаат тој нешто да им фрли в уста и откога ќе видат дека нема што да фрли, ќе папсаат.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Или овие чавки во крошните, кои со гракање го опогануваат паркот, зар не те нервираат кога те гаѓаат со гомненца додека во тишина ги обновуваш репликите од новата ролја?
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Гракајќи разгалено, слета точно на рамото на Еразмо, ги приклешти острите канџи во неговото меко зимско палто, чувствувајќи го волшебниот предизвик на зрната од вреќата, и се прикотви тука.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
- Затворај ја вратата, брзо! - се надоврза гракајќи волшебната чавка.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Да бидеш тажен на светол летен ден, во градина што изобилува со живот, е потажно отколку да бидеш тажен во ноемвриски ден кој нема ни овошје ни цвеќиња со ниско спуштено небо и со врани што гракаат на безлисните врвови на дрвјата.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
И затоа нештата не се движеа нанапред, а јас и продавачот Чавка гракавме навредливо, упорно и гласно, сѐ додека не нè облеа краткотрајна смеа во која се наѕираа остатоци од некоја голема и одамна потрошена среќа...
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Сега го слушна гласот на Кети како ги проколнува двата дрски гаврана кои секое утро доаѓаа блиску до куќата и гракаа и крескаа како божем да гореше куќата.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
- Проституцијата се одвива сред бел ден, токму пред очите на граѓаните, а надлежните власти не се способни да го решат проблемот - гракаше новинарката, секако со лична нота во кажаното.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
1. Забрането одење по стапките Забранети стапки по нестапнатото Забрането блиско во далечината Забрането лице во опачината Забрането отворање на сандакот Забрането ловење спитомен дивеч Забрането бакнување илузии Забрането дете во утроба Забрането плетење бессоница Забранети обетки на црешната Забранета година во векот Забрането икање на работен ручек Забрането паркирање на крстопат Забранета плитка вода во вирот Забранета емисија за змејови Забрането срце во кафезот Забрането чешање по тилот Забрането слегување на патот за горе Забрането гракање според “Неверморе!”
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
2. Забрането веслање на суво Забрането суво во суводолица Забранет страв во пукотница Забранет пејзаж во поезија Забрането копање компири Забранет сомнеж во надежта Забранет вител во глуждот Забранет глужд во кабелот Забрането подгазување на газдарицата Забранет пикасо во кукуречани Забрането кукурикање во песочани Забранет одговор во дворот Забрането сонување на јавето Забрането јаве во несоница Забранета жед во жена Забранет страв во темница Забрането двоумење на делница Забранет црв во небесен корен Забрането гракање според “Неверморе!”
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Повеќе