ни (чест.) - смрт (имн.)

Додека се обидувам, осмиот месец од оваа година, MCMLXXX достоинствено да го започнам писмово до тебе ја откопчувам душата како елек и шаторот твој го распнувам сосема меѓу вториот и дваесеттиот век резот е доволно длабок и горешт светлината да се прекрши и одбие твојот профил да се обликува појасно макар и ништо да не не објаснува: ни империјата, ни мемоарите ни градот што го подигнав во мислата променлива - еден град повеќе во Елада, љубената ниту слободата повеќе од власта што ја сакаше и Latio не, ни кованите пекунии со ликот на Антиној, обожаваниот Humanitas Felicitas Libertas ниту твојата библиотека која се обновува лека-полека по светот ниту противниците, не ни жените не ни смртта твоја и на твоите современици и коњот не, и знакот на небото и мачката со боја на пустина, мед и сонце (според описот на Јурсенар) ни патувањата, ни пророштвата не, не, не, во право си кога се сомневаш во смртта, кога му се предаваш на Допирот-Убавината-Сласта како на Смисла зашто, поместувајќи ги границите на крвта, плотта, идејата животот пренесувајќи го од една метафора на друга го одложи толку многу што остана и за нас! ________________________
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Сурово природни затекнати во немајкаде онемени, од вџашеност побелени можеби од премногу живот и дарба можеби од премногу набожност, паганска или премногу смрт, нагла, неправедна само се наѕираат - маргина до маргина диск до диск за вчитување на изгубеното аз, буки, веди, глаголи, добро ест живете... алфа, бета, гама, делта... алеф, бет, гимал, далет... сличности на претек претци а, наоколу по којзнае кој пат преродена исчезнатата флора риган, рик, реа ни смртта не е вечна, ни смртта!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)