и (сврз.) - босилок (имн.)

Од земја ние имавме едни урупчиња по селото во кои садевме по некоја пиперка и по некој домат, трошка празе и граше и босилок и џинџуле колку да се најде за на мртовец и девојките да стават на плачките на благ ден.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Некои одеа првин кај мртовецот, му изразуваа сочувство на Танаил и ѝ палеа свеќа на мајка му; ѝ ставаа овоштие, локум и босилок на ковчегот, поседуваа крај неа и издишувајќи од жал, подречуваа нешто за кутрата старичка како се мачела како вдовица да го гледа и одрасне Танаила; и сега кога треба да проживее во полна куќа луѓе, таа си умира, си оди од овој свет; подречуваа нешто и за нејзината кротка, блага душа која на сите во селото, и роднинина и нероднина, само убави зборови им велеше, и која ни на живинче не му свикала, лош збор не му рекла; ќе сронеа по некоја солза, ќе поплачеа, и ќе си заминеа дома; ќе се измиеја на чешмата средсело или езерото, ќе го соблечеа црното руво, ќе облечеа други алишта, и одеа кај Китан на свадбата, на веселбата.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Со здравата рака Циљка ја фати стврдната дланка на мајка си, ја принесе до усните, нежно ја бакна неколкупати и со насмевка полна тага, се потсети на нешто многу блиско, сакано и драго: - Мајко - рече тивко, гледајќи ја в очи - порано секогаш дланките ти мирисаа на топла погача и леб, на млеко и сирење, на сено и пченица, на зрело јаболко и печена круша, на вино и на мед, на џунџуле и босилок, на свежа ораница и на пепел од нашето огниште и од фурната.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Од под нејзините стреа засекогаш одлетаа ластовиците и ветерот презаситен со чад, далеку го однесе мирисот на џунџулето и босилокот што толку многу ги имаше во дворот... Пусто... Запустено...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
На четириесеттиот ден од смртта на баба Ристосија, змијата со цветот во уста, исчезнала во студениот простор на црквата, среде мирот и босилокот, покрај иконите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)