а (сврз.) - коса (имн.)

Навистина малку црнгалесто во суратот, со испрчени устиња, малку поедри заби, напред истурени, но младо како роса, Кожата по обравчињата му свети како со масло намачкана, црните очи некако на грозје личат, а косите ги пуштило над очи небарем сака да ги закрие од алчните погледи на присутните.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Беше со среден раст и имаше широки рамена, беше компактно граден, лицето му беше широко, а косата и тенот на кожата му беа посветли од оние на Даниел.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Вратоврската му беше темноцрвена, а косата, темна, густа и залижана, му го откриваше мазно избриченото лице.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Братучед му потстана кога овој се приближи до масата и му ја подаде раката.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
И утредента Лествичникот слегол во гробот од татка си, и ковчежето го откопал, негибнато сосем, и в раце го држел, а косата на главата му се исправила од страв и ужас, оти од ковчежето доаѓал чуден звук, како коските на таткото негов да штракаат и да се распоредуваат во устројство чудно.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
- И уште ноќе, додека под нозете ти тече крак на Вардар а косата ти ја мрсат жалните врби?  - Уште подобро.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
По навик што сѐ повеќе губеше смисла или по инерција што сѐ повеќе губеше сила, уште ја ставаше искапаната врска околу вратот како износен и широк огламник, при сѐ што од вратот му беа останале само брчки од кожата и безгласниот грклан; а косата на главата му опадна пред да побели - па во очите на ненаситните колеги сѐ повеќе прилегаше на белоглав орел со одрана шија, кој уште со ноктите се држи на карпата чекајќи да се срони заедно со неа.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Се фаќаш за главата, а косата не се расправа. Се затестила од гниди, од посерки.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Нејзе ѝ ги подгорува крилјата, мене ме гламносува. Ја милувам по главата, а косата ѝ испаѓа, небаре коноп од под гребен. Ја викам Уља.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)