толку (прил.) - и (сврз.)

Алегоријата е везена со мајсторство, колку со вибрантниот и воздржан стил толку и со умешноста на митот на отпорот против криминалниот диктат.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Првин било така: ако продадеш толку и толку волна, една четвртина даваш на власта.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Во Париз претставува своевидно доживување да се посетат неговите цркви, кои се стари стотици години и затоа секоја од нив е споменик, колку значаен за историјата толку и за уметноста, зашто навистина секоја од нив има своевидни знаменитости.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Во „Олимп“ кампувањето, за еден човек на ден, чини 60 драхми, толку и за приколка, односно 50 за шатор, а во бунгаловите, со четири кревети, на ден 500 драхми.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
— Не викај толку и седни да не си а земиме бељата сите да не исколе Адем, — почна да го смирува стрико му Куле, — та ти шо не ќе стоиш да те продаваат, тоа друг есап е.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Тие се кикотеа, колку од зборовниот каламбур толку и од скокотот по половината, меѓу стегачот на градникот и ластикот на гаќичките.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Со црвени кордели на русите плетенки, со кусо ѕвонесто здолниште во сите бои на едно ромско клопче, таа уште и дрнкаше на гитара со голи коленца едно врз друго, па немаше друштво што можеше без неа и немаше веселба без таа да е прва, макар што во учењето не се истакнуваше толку и добиваше преодни оценки благодарение на својот умилен изглед.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Човек е во искушение ова дело да си го претстави како катедрала од хартија и мастило, меѓутоа со оглед на тоа дека авторот потекнува од една повеќенационална средина, замислената претстава, споменатата градба, би требало да се поврзе колку за католички и за православни култни места, толку и за џамијата.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Зашто, ако овој писател со истата леснина како и Исмаил Кадаре се ориентира во лавиринтот на балканскиот простор и време, тој со Данило Киш ја споделува величината на највозбудливиот омаж, посветен на најпотресниот лик на Таткото: во романот Градина, пепел на Киш, незаборавниот Едуард Сам настојува да го состави универзалниот возен ред, додека таткото на Старова сака исто така да оствари еден колку огромен, толку и хемерички проект:
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
По повод доделувањето на титулата, во својата воведна реч академик Гане Тодоровски истакнува: Треба да се гордееме со овие и вакви писатели, коишто се колку наши толку и на други или колку на други толку и наши зашто такви пред Стојан Христов беа и Григор Прличев (грчки и македонски автор) и Коста Рацин (српски и македонски автор) и Никола Вапцаров (бугарски и македонски автор), како и уште многумина други во минатото.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Бугарија досега не знаеше оти решението на македонското прашање не е исклучиво во Софија, ами колку во Софија толку и во Белград, т.е. во согласувањата меѓу Софија и Белград.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Оние што се збиени, уште од зори си ги мешаат сенките, се надјавнуваат, се грабаат на просторот, се издолжуваат и се собираат како пијавици, како полипи, како чудовишта; сокаците: удриле кај им било мило; еден од нив, најширокиот, се припил до езерото, не се дели од него: кај врти езерото, и тој; кај ќе се намери на куќа, се тргнува настрана, се свиткува, се стеснува; кај се спушта брегот на езерото, и тој по него; колку што се проширува брегот на езерото во летно време - толку и тој.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сонцето било свртено кон грчот на неговото лице.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
За сѐ е нужна чиста сметка: примено олку, дадено - толку, и со букви: толку и толку уште штркови се на лице.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се разбира, се собра народ. Експерти. Едните велат – гризнато е, другите – не е гризнато.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
А стопанот е индиферентен – се прави недоветен. – Должни сте – вели – за четирите изедени парчиња толку и толку.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Самото with, кое денес му одговата на нашето (германско) „со“ (mit), изворно значело колку „со“ толку и „без“, како што може да се види од случаите withdraw (повлекување) и withold (задржување). Истата промена ја препознаваме и во германското wider (против) и wieder (заедно со). *
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
И колку несреќите да се од бога, толку и самите ги предизвикуваме...“
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Да можам ... само да можам, да сторам да трае мојот сон кога твојот се руши... зошто не секогаш во една средба трае сиот живот а животот е мал за да го собере сето во тебе за мене... за да собере толку и смеа и солзи, и копнеж и љубов...
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Нивно вистинско оружје беше безмилосното сослушување што продолжуваше со часови; го сплеткуваа, му поставуваа стапици, искривоколчуваа сѐ што рекол, го уверуваа на секој чекор дека лаже и дека е противречен, сѐ додека не почнеше да вика колку од срам, толку и од нервна премореност.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
23. КОЛКУ ЗБОРОВИ КАЖЕ, ТОЛКУ И ЛАГИ ВРЗАЛ - си ја фрла мрежата за лов во матна бара и низ високиот шевар сѐ понатаму брза за што поголема лага, за што поголема пара...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Додека мариовците пазарат, еве кај Петруша толку и толку шамии, шамивчиња, тулбени, грлувчиња, ракавчиња, капи, разни бугасии, ѓувезии, астари, што ли не; од Алекса Баба ќе кренат со оки шеќери, леблебии, суво грозје, смокви, газија и друг бакаллак; од Јашмакот — десетина дваесет рала чевли.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Како што заспа, така се најде на некој отворен, недефиниран простор, во една колку парадоксална толку и апсурдна ситуација.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Потење; хлорид толку и толку насто; сулфати толку и толку; урински нитрат, амониум нитрат, значи: креатинин, шеќер, млечна киселина, ете!
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Сепак, не им истури се, ама ги благослови: - Да ви се истури небото толку и да ви се исфрли морето толку колку што ви е мило во душата!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
За една недела, во тој и тој парк, на таа и таа клупа, во толку и толку часот.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Се планира да се изградат толку и толку електроцентрали, фабрики, рудници. Потребни се.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Се планира да се произведе толку и толку жито, овошје, зеленчук и друго.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Исхак бег, како што си беше срчен и умен, си натрупа не само богатство, туку и подигна во своја слава колку верски градби, толку и неверски.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)