еднаш (прил.) - не (чест.)

Имено, таму било запишано дека Костадин Дамчески, Лазор Перуноски и Атанас Јанчески Цицко, брат му на Бошета Јанчески (животниот пат на Бошета, поради една изненадна околност, уште од истата ноќ зеде друга посока, го однесе далеку од Потковицата и никогаш уште еднаш не го врати назад) скриени во житјата на реченото место го издемниле Хаџи Ташку со дружината и кога овие им се доближиле на само педесетина метри истрелале сите тројца наеднаш во нив.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На вечерата девојчето седеше спроти Коча и ниту еднаш не го погледна.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
„Ќе сторам така, не ќе сум дембел“, се смири и уште еднаш не сфати: во крвта на Отец Симеон со протегање се разбудуваше питон: „Ќе сторам така.“ А келнерот притаено му рече: „Мојов пријател одлично се боксира.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
7. Реката во која еднаш не се удавив е веќе пресушена.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
Тато и тетка Рајна и мене сѐ ми беа приготвиле, но јас за тоа никому ниту еднаш не реков во класот...
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Ниту еднаш не помислив дека може да има некој што не е радосен како мене, што не е безгрижен.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
Овој Закон досега [јуни 2011] сѐ уште ниту еднаш не е изменет и дополнет, што е навистина редок случај во проблематиката на работните односи во РМ. 26 сите видови спорови кои, евентуално, можат да произлезат од комплексот на работните односи.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Ниту еднаш не ми се јави; ниту пак јас му се јавив, оти и не знаев каде се наоѓа со циркусот, оти и не сум можела, оти циркусот е подвижен центар на светот, како што рече и самиот, оној ден, кога дојде повторно назад.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ама, уште еднаш не правиме муабет за ова!
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
МИТРЕ: Та тоа, ми се чини оти го делам и уште еднаш не ќе го видам.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Ако го сретнеме, мислеше, ако биде среќа да го сретнеме, ќе можеме да ја преживееме тука и целава зима, едноставно да си останеме овде сѐ додека еднаш не разјужи, а пак ако разјужи побргу, тогаш ќе можеме да си однесеме и дома, заедно со една добра свињска кожа, уште неколку килограми свињско месо, пресно и замрзнато. Ајде, си рече сега, добро, ќе видиме.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Малиот еднаш не можеше да го издржи тоа и сега ја жртвуваше својата љубопитност, отскокнувајќи назад и пак припивајќи се до ѕидот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Мислам, воочи јасно, самата виде Во какво сиво се обоил овој наш свет што проклет, го градевме и живот ќе дадевме за сѐ да биде светло и фино Многу лета изминаа оттогаш Некои незаборавно, некои брзо, некои бавно, И ниту еднаш не почувствував вина А сега...
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
За некои од нив се говореше дека спијат во старата, полуурната куќа без жители, на која, еднаш не сакајќи, ѝ го искршив прозорецот.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ти кажувам еднаш не треба не знам колку пати да ти се повторува овие три топлинки покрај тебе се како пламенче од кандилче најмал повеј на ветре или студена рака што врз нив ќе се подаде може да ги угасне ама ти пули и прави грижи се варди ги заштитувај ги со што ќе стигниш закрилувај ги со сопствената топлина со својата љубов оти нели се тие деца на нашиот син па затоа два пати думај пред да ставиш залак в уста дали не треба во нивните да се подаде за да се прескокне зимата за да се прескокнат годините за да останеме јас и ти во нив!
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Тој миг им позавидев на другарите дека летово небројница пати оделе на Вардар, а јас ниту еднаш не можев да ја смилостивам баба ми да ме пушти.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
„Мама ниту еднаш не ме пофали дека убаво ги бришам фикусите!
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Оф, потон да потоне таа Горница, синдилија да фати. Како еднаш не ја заборавија. Само стрижена, бричена.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ќе ми стане грев, и ќе му речам, зошто така се ништиш? Зошто еднаш не ме послушаш?
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)