црн (прид.) - точка (имн.)

Две мали црни точки кои едвај се одделуваа од сината боја на небото, се покажаа на северната страна. Борко го закова погледот за нив.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Горе на чело, меѓу нив, црна точка е претседателот на Републиката кој искрено се радува заради чинот што му претстои, чинот да ми ја додели лично највисоката чест што воопшто може да се додели: забратката за вонредни заслуги.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Си ја бараше и онаа црна точка во која се таложеа составките на боите, кои водени од необјаснива сила и по таен пат, се разлеваа по платното, пресоздавајќи го светот во нов свет и животот во нов живот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Александра го стегна пикавецот од цигарата на жолтитот столб и направи мала црна точка.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
Аерозагаденост. За оваа црна точка сред град никој ништо не рече, а кој да знае уште колку црни точки има.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
„Ученичка сум во ОУ „Кирил и Методиј“ што се наоѓа во близина на една од црните точки во градот, раскрсницата кај Народна и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“. Молам да објасните што значи три степени на вонредни мерки?“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Чучулигата, во синото небо одвај се гледаше и личеше на мала црна точка.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Можеш ли да му ја поматиш верноста кон земното, додавајќи знак по знак откривајќи ги срамните делови на твојот систем загадочниот метод небесниот свод- дом за да може да оди по истиот пат и да стига до истата цел човекот, оној кој над црната точка стрепи по сличното, од различното стрепи спојува еден со друг: еден и еден, два со два, седумдесетидва името го дели на четири елементи – I.H.V.H. тетраграматонот го врти, го враќа ред по ред реди вистината на скрбта ја учи завист и суета, суета и завист сѐ е бесценет камен, а број свет и сила равенката меѓу нив се припикнува како вода меѓу шуплинките во карпата како зрак во мрачна капела бели точки на црна површина поделена на две: еднооко човече дворог Пан троока нимфа четириаголен круг пирамидална петка црно на црно расфрлан, разигран Ум на Светлоста Умна светлост.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Повремено, кога неговата глава како црна точка ќе се издигнеше над површината на морето, до брегот допираа неговите морничави довикувања: - Помош! Помош, луѓе!... Во близина немаше ниту едно кајче.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)