стар (прид.) - сон (имн.)

Кога еден поасолен нов сонувач Од Чешка ли од Полска ли ќе да беше Апла им плесна в лице Дека од старите соништа со петокраки Полоши се само новите противсоништа
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
А врховна потреба е да се знае дека кајшто има сила нема правдина И уште да се запамети дека е правосилна онаа народната Дека се рече ли кучето бесно е си останува бесно што и да стори отпосле Од друга страна и меѓу самите Словени мнозина знаат Дека и Словените и пансловените не се китки за мирисање И дека особено тешко се ослободуваат од стари соништа
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
15. Колку и да се склукаш со историја Не можеш да избегаш од сегашноста Беше рекол некој умен И јас му верувам Оти на своја кожа знам Дека колку и да се клукам со еукалиптус Не можам да избегам од соништата А сегашноста се полни со стари соништа Ѓоа надградени и надополнети И по секоја преродба се прогласува нова преродба Во долината на среќно преродените Никнуваат нови цркви и џамии Со ниет да бидат уште постари од најстарите На сека ритка никнуваат и големи крстови Колку крстови толку неразгатнати крстосници Никнуваат богами и нови затвори За затвореници колај работа ќе се најдат и фазла При толку бујна стварност Поетите цапаат во Петреви Вирови Колку поети толку друштва на мртви поети Сега секоја суша вели дека животот е некаде другаде Што впрочем се гледа и од брановите нови доселеници Макар што во последно време другаде не им е Австралија ами Италија Каде што се преселуваат цели села од долината на Радика И таму си формираат нови населби со роднокрајните имиња Сега засега не се чуло ни разбрало Како стојат таму со цркви џамии и настава по веронаука Но мене ме загрижува тоа што ако тој пат го фатат иселениците Нема да има кој да се доселува во Австралија А без новите доселенички приказни од Цапари Животот тука би бил ептен здодевен Како што е здодевно тука летно време Кога децата на доселениците одат во стар крај Да научат троа од мајчиниот јазик А како бонус им доаѓа што ќе научат Како се поставуваат светски рекорди во брзо донесување закони А тоа воопшто не е како олимписка трка во брзо одење Зашто таму каде што има брзо ломотење нема брзо одење
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)