млечен (прид.) - пат (имн.)

Сега се гледаме во синкастата светлина и во молкот ние одвај забележуваме дека сврти месечината, ѕвездите пребледија, а онаму високо - високо се губи Млечниот пат и тука долу, полека се ретчи мрачнината и зората надоаѓа бледо... Зазорува, драги Џим, И веќе е зора.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Кон Млечниот пат!“ Младичот ја пружа раката.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Кога едно од групата соѕвездија ( јатото на ѕвезди од млечниот пат) гледано од земјата имало крива линија, според обликот им заличело на кос мост (искривен мост) па според тоа име и го нарекле кос мост.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
И сите ја чувствуваат големата промена што го навестува плодот и итаат веќе по млечниот пат на латиците во воздухот.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Таа ноќ, небото беше ѕвездено и по средината од крај до крај, пресечено со млечниот пат. Такво го запаметивме...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
ЉУБИ, ЉУБИ КОГА СИ ВО ЉУБЉАНА љуби, љуби кога си во љубљана трипати љуби еднаш број кога си на тромостовје љуби на куб, љуби трипати на куб љуби, љуби шестпати по шест љуби колку што можеш да испиеш кригли пресно лашко во гостилницата шестица на улицата која до вчера се викаше титова замижи машки и љуби, љуби кога се качуваш со лифтот на врвот на неботичникот во центарот на градот којшто мижи кога љуби и кога ќе отвори очи цел живот ќе игра мижитатара љуби, љуби кога си во љубљана запни како кога се дава вештачко дишење уста на уста и ич не бери гајле што те сметаат за заостанат во развојот љуби, љуби кога си во љубљана и кога бараш ново скришно место за љубов иако има многу корпи за отпадоци ти сепак фрлај ги зрнцата од љубење по улиците за да знаеш по кој пат да се вратиш љуби, љуби кога си во љубљана овде никому не му е особено важно каква боја мирис и вкус има љубењето а не е во план и изградба на музеј на модерното љубење во кој ќе гори заборавено а ѓоа вечно оганче што ќе го подгрева здивот на засипнатите славеи а штом ќе нема музеј ќе нема ни модерни гатачки пред портите на музејот кои низ дланка ќе ви буричкаат низ иднината на љубењето како надминато минато љуби, љуби кога си во љубљана и ако цапнеш во некоја дупка на млечниот пат по кој се пентраш до емона речи си пу-пу машала ќе си најдеш ново љубење а на врвот на ридот секако ќе ги најдеш прешерн и неговата јулија како сркаат врел планински чај и на љубопитните им шиткаат бројаници од бакнежи и од мигови колку мигови трижпати повеќе бакнежи сите да ти велат ти да не веруваш ама така се рекло и нека биде така како што се рекло дека лично прешерн излеан во бронза крај тромостовјето севезден им врти грб на старите и штрби баби тадури и и’ го плазел јазикот на тишината како оној разбушавениот ајнштајн кој си го изгорел јазикот баш во хирошима и нагасаки којзнае дали тоа го рекол баш ајнштајн ама љубел не љубел времето си врви љуби, љуби кога си во љубљана љуби без наситка остај си малку време да се сликаш пред магистратот со лидија димковска и алеш мустар кои рака под рака влегуваат во мирисот на секое цвете и растат, растат миризливо љуби, љуби кога си во љубљана и да папсаш утре пак ќе ти се љуби љуби, љуби кога си во љубљана и имај на ум дека никој не знае што носи утрешниот ден и дали баш ќе биде нов ден ново љубење љуби, љуби кога си во љубљана и не заборавај дека си на запад, во европа каде што денешната работа никогаш не се остава за утре.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Само што ќе го наслушнете внатрешниот Глас алхемијата на домот веднаш тргнувате ни риби, ни змии на далечен пат, само вам знајниот Млечен пат од слатки и солени води на деноноќни бесони патешествија во кои го составувате едниот крај на светот со другиот па повеќе не е јасно дали егзилот е траума или радост на преселбите да се биде и таму, и ваму од светот да се направи меѓусвет секогаш да недостасува нешто суштествено од едно и едно да се направат три носталгијата да биде дискретна смисла на опстанокот која ревидира сѐ и повторно ги дефинира и селидбите, и враќањата и татковината, и туѓината!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ја видоа блескавата боја на небото и десет секунди потоа, големата комета што се извишуваше согорувајќи го воздухот, истрелана кон ѕвездите, иташе во огнениот блесок за да стане уште една ѕвезда во ротирачкото изобилие на Млечниот пат.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)