мек (прид.) - допир (имн.)

Ноќта беше темна и тешка и можев единствено да го почувствувам допирот на прстите на Ема на моите слепоочници како мек допир на погледот откосо останат од деновите кога се правев дека тоа не го гледам, дека тоа не го чувствувам.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Тоа се кротеше, чувствувајќи веројатно, во меките допири на прстите на девојчето, мајчинска нежност.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Онаа густа топлина, онаа топла, мека болка, сега го заплиснуваше при секое ново и заедничко нивно пречекорување, а еднаш таа не можеше да не почне да му се насобира во грлото и тука да го грее, да тлее меко, згуснувајќи се, сѐ додека не беше свесен како тоа почнува и да му се тркала по двете страни од лицето надолу, кон слепоочниците со еден ист таков жежок и мек допир.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Од тоа руно трпеливо и споро се ронеше тој снег, паѓаше бесшумно и кружејќи, имаше чудно мек допир во својата залебденост, носеше блага вртоглавица во погледот, со онаа чудна развиорена спорост на своите роеви-роеви снежинки, што надоаѓаа повеќе од сите страни отколку озгора, густо и со некаква волшебност исполнувајќи го просторот меѓу небото и земјата.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Змејко сега просто го голташе како му се киска во лицето, понекогаш му се чинеше како да го дофатил со своите дланки, тој бел питом кутрак на ветерот, имаше еден таков впечаток за неговиот волтнест мек допир.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Квечерината беше многу побескрајна и се спушташе понеумоливо од врнежот; во неа исчезнуваа дури и меките допири на снежинките.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Знаев, другите ќе ја следат, и на доаѓањето на тоа непрегледано јато в бешумен лепет, за кое ниту за насмевка немав време, го почувствував само како мек допир на големиот плашт.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Пелагија се стаписа на местото, се стаписа од благиот глас на жената и полека, полека, со така да се рече надчовечки напори ја заврте главата и жената влезе во нејзините очи веднаш тука зад вратничката, а со неа и целата градина и куќичката со последното сонце плиснато по белината на ѕидовите, и вратничката се отвора на внатре, насмеаната жена ја влече натаму, ѝ прави пат за да влезат во градината Дојдете, златни, да си поседиме пред мојава врата, со денови, мори златна, да не речам со години, те гледам поминуваш од тука со момичево во рацете и со некоја голема болка во лицето, одамна сакав да те поканам да ми влезиш макар во градината ако не во куќата! и Пелагија нема сили да се спротивстави, таа дозволува мекиот допир на жената да ја води по патчето сѐ до поплочената ширинка пред вратата на куќарката каде што има малечка масичка и неколку столчиња без потпирачки наместени околу масичката и веќе седи на еден од нив, а на другиот до неа малечката Пела, и уште, уловува дека тетката седнува до неа без да престане да зборува Ако си калеша и со црно во срцето, ти си убава, и не знам дали има поубава од тебе, и по лицето ти се познава дека си и добра, твојата појава зрачи добрина! и во исто време претрчува внатре низ отворената врата и мислиш дека оди натаму а таа се враќа со подавалник на кои има чинивчиња со слатко и пресна вода во стаклени чаши Добро ми дојде, златна, во куќава, ајде, касни од слатково, јас самата го имам правено, онде од зад куќи, имам две дуњи, погледни, како сонцето што свети така и тоа свети, како твојата невидлива светлина, златна, како твојата невидлива добрина, златна, а тоа што свети во исто време и боли, мила, твојата невидлива болка, касни, заблажи се, ти ја знам болката, со денови, со недели, со месеци сноваш по уличкиве и бараш брлог оти онаа коруба сега е зграда, ене ја, ги надвишува сите куќи и вие морате да се иставите од таму, е, златна на тетка, не знам зошто, ама моето срце те одбра тебе, така да знаеш, те одбра тебе и оваа топка радост и оваа жолта заштита, вие да ми бидете радост на старост!
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Го наслушнуваше мекиот допир на патиките со есенското лисје и задоволно свиркаше некаква мелодија.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)