дрвен (прид.) - дирек (имн.)

Седејќи на балконот Благица гледаше на местото пред нивната зграда, каде што минатата година имаше нишалки, вртешки и клацкалки, каде што така весело се поминуваа летните денови, а пак сега стоеја само неколку дрвени диреци.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Извишена сама крај езерото, чиниш, цапната во него; над првиот кат е кренат уште еден кат, но поголем и поширок од него, наддаден од сите четири страни како да си ставил поголема коцка врз помала; покривот четириводен собран во една точка, во еден врв на кој има дрвено дирече останато уште откога е градена куќата за врзување макара и за кревање материјал за покривот; на диречето е вкрстена штичка, но недоволно е прикована, така што, при посилен ветер, се исправа и со диречето на кое стои - прави крст; кога запира ветерот, штичката пак се спушта надолу.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)