бесценет (прид.) - камен (имн.)

Можеш ли да му ја поматиш верноста кон земното, додавајќи знак по знак откривајќи ги срамните делови на твојот систем загадочниот метод небесниот свод- дом за да може да оди по истиот пат и да стига до истата цел човекот, оној кој над црната точка стрепи по сличното, од различното стрепи спојува еден со друг: еден и еден, два со два, седумдесетидва името го дели на четири елементи – I.H.V.H. тетраграматонот го врти, го враќа ред по ред реди вистината на скрбта ја учи завист и суета, суета и завист сѐ е бесценет камен, а број свет и сила равенката меѓу нив се припикнува како вода меѓу шуплинките во карпата како зрак во мрачна капела бели точки на црна површина поделена на две: еднооко човече дворог Пан троока нимфа четириаголен круг пирамидална петка црно на црно расфрлан, разигран Ум на Светлоста Умна светлост.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Па се врти кон витрината и кратко се задржува барајќи ја во аптеката вистинската мешавина, а тие сите исти и, држејќи го в рака како да е „драгуљ“, го предава на болниот и неговата придружба наплаќајќи го како бесценет камен.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Ама, кога погледот му затарашка понатаму од куклата, кога на некаков плафон над нивните глави здогледа дијамантски лустер, што расфрла млазови светлина во разни нијанси усукани едно во друго, а под лустерот елка накитена со, исто така, живи ѕвездички од бесценети камења, тој полека, полека се подигна.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
И зашто и тој, како и одајата, како и целата господарска зграда, беше натоварен со свила, со кадифе, со злато и бесцени камења, блескаше како нешто неживо, како нешто што не можеше да се спореди со ништо живо.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Низ него го гледаше обзорувањето и зајдувањето на денот - тоа вечно намотување бело клопче на црно, црно на бело, како што му велеше баба му; го гледаше езерото кога беше мирно и кога се преливаше во севозможни бои како бесценет камен, го гледаше кога рикаше и бучеше како ѕверки да му се бијат во утробата, го гледаше виножитото што со едниот крај се спушташе во него заслепувајќи ги очите со прекрасни бои; го сгедаше езерото кога надојдуваше и од брегот поземаше сѐ што останало на песокта:
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)