беговски (прид.) - куќа (имн.)

Што требаше јас да носам кај Ризван-бег? Таму имаше сѐ, беговска куќа, еден сарај жолтееше како сонце.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Така, уште кога, по големата преселба од западниот брег на крајезерскиот град, запревме крај брегот на оваа брза река, се вселивме во една стара напуштена беговска куќа што ја милуваа сенките на четири мамутски тополи, извишени помеѓу Дрвениот мост и старата Женска гимназија, која подоцна го доби името на Јосип Броз Тито па по последниот катастрофален земјотрес, сета растресена, беше урната иако можеше да биде спасена, и на нејзиното место беше изградено троделно здание, што потсетуваше на пагода, во кое беше сместен Централниот комитет на Комунистичката партија, сѐ до нејзиниот пад.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
При искачувањето по скалите и чекорењето по душемето се ослободуваа необични звуци.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Меѓу називите за разните јавни објекти тој ги издвои следните: амам, стара турска бања (од турски hamam); ан, хан (од персиски han); карван-сарај (од персиски kervansaray); конак (од турски konak); механа, меана (од литературен персиски meyhane); кафе, кафеана (од арапско- персиски kahvehane); топана, место каде што се изработувале топови, склад на муниција); кале, тврдина, град (од арапски kale); кула, тврдина, висока беговска куќа (од арапски kule); бина, голема зграда, куќа во изградба (од арапски bina); тарапана, место каде што се коваат пари (од персиски darbhane); апсана, апс, затвор (од арапско-персиски hapishane).
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Во старата беговска куќа, изградена во низата други уште во османскиот период, со видливи примеси и на градската западна архитектура, внатрешниот дел, душемето, вградените сергени, скалите, плафоните беа изградени со буково дрво.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Камилски беше посебно импресиониран од бројот на турските заемки од областа на градежните материјали кои навлегле во балканските јазици од кои некои се употребуваат и денес.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Старата беговска куќа, градена пред двесте години, во низата други слични куќи крај реката, имаше приземје и кат, со убав издаден чардак, авлија која водеше кон убаво средената бавча со насадени цвеќиња во првиот дел и со зарзават во другиот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Имаше убав глас, продорен баритон, кој се пробиваше низ старата беговска куќа, ја исполнуваше со неговата надеж.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)