со (предл.) - кама (имн.)

Првиот што излегол, пукнал во некој од Турците и така на куршум одговарале со куршум, на штик со кама. Така изгинале нашите до еден...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Точно во тоа време ме известија преку тајни канали дека Сталин бара да се прекине со дотогашните методи од кои помодрував: ме следеа, провокаторски се обидуваа да ми поттурат леб со здробено стакло во тестото, ми се закануваа со нокти и со ками.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
- Смрт за балканскиот предавник! – викаа сложните балкански маси сите со ками готови да си ги збрцаат во грбот едни на други така што потоа Европа да остане осиромашена. И толку.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Се разбира, со надеж да станеме браници со ками на појасите.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
И така, мој Пандо, нашинчето си дознавало што е и кој е, не од дебелите книги и од учените луѓе, ами од надгробните камења, од гробовите останати по карпи, од зарезите направени со кама или штик во стеблото на буката, дабот или борот, од нишаните што останале од нашето постоење во кое не битисавме и од времето што го броеја само по лошото, само по крвавите траги што ги оставал тој што доаѓал и си одел...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Тишината со кама можеш да ја сечеш.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)