од (предл.) - поет (имн.)

Од 1961 година, кон крајот на август, во овој мал град се одржуваат Струшките вечери на поезијата: на мост на истекот од езерото, каде што се формира Црн Дрим, се читаат песни од поети од светот, таму каде што јагулите-женки го почнуваат своето патување кон Средоземното Море потоа кон Саргасовото Море, кога се ближи времето на затворање на животниот циклус.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Она што веќе го рековме, дека во „Две тишини“ никој ништо и никого не штеди и дека дури и потенцијалниот читател е наполно незаштитен од стихот, од поетот, но и од страдањето (на зборовите, буквите, вокалите,.. белинките) распламтено до усвит, во собата на вокалот Е продолжува да се пее до коска и подлабоко, дотаму до каде што критиката не може никогаш да втаса, а песната го развејува знамето на својата победа (или предавство, сеедно) и истекува во една од двете претстојни тишини, во онаа во која се испраќа и во онаа во која се заминува.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)