јато (имн.) - риба (имн.)

Гледаш само купиште луѓе кои, како јата риби, се делат едни на едно, а други на друго место.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
јас сум до тебе, ми вели тој, јас цело време стојам до тебе, ми вели, ами оти не ме браниш од галебиве, му велам, нема со што, ми вели Горачинов, гледаш дека ми се зафатени рацеве, и после како да сме гувееле пред сонцето паднато во водата, се наведнуваме небаре пред свекор, пред свекрва, што се вели, а водата светка, си потфрла тркалца од бела пена, како ситни пари да сум пуштила, да сум фрлила во водата и парите ги собираат плипот деца, а после не биле деца, туку јато риби, изрипуваат нагоре, им светнуваат белите мешиња над водата и тогаш од бродот ми паѓа Горачинов, се провира и ми се губи ко јагула меѓу рибите, јас викам по него, но гласот нерастурен ми се враќа назад; се враќам и јас од сонот,
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
ама немаме пасоши, свиденија, никакво книже, оти ние знаеме дека ќе влеземе во слободна Македонија и дека не ни треба ништо и кој ќе те претресува во слободна земја и ги фрливме пасошите од бродот, во морето, ура, викаме, скокаме на бродот и ги фрламе пасошите во водата, радост голема, човек во радоста поулавува и пасошите летаат во водата, а улема риби се збираат околу пасошите, цели јата риби ги тргаат наваму натаму, небаре ги читаат,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Нови јата риби надоаѓаа и пласкаа во плитката вода крај брегот, прпелкаа како фатени во мрежа: се пикааа во трските, во шеварот, во водните растенија и испуштаа чудни шумови и клобурци над водата; шумеше водата како подземни извори да се креваат; пиштеа галебите и сите езерски птици кружејќи и налетувајќи на рибите; трчаа луѓето, довлечкуваа кошници, сепетки, кошови, вреќи, и ги полнеа со риби; довлечкуваа и магариња, коњи, ги товареа со риби, се грабаа меѓу себе, се караа, се пикаа во езерото, заграбуваа поголеми и попресни риби; ги соблекуваа кошулите, панталоните и со нив фаќаа за да не им се лизгаат рибите од раце; се крвавеа во прстите од нивните перки, од нивните крлушки, удираа по нив со ости, со вили, со виљушки врзани на стап за да ги скротат и да не им бегаат од раце; се мешаше водата со крвта од рибите и од рацете на луѓето.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)