солза (имн.) - радосница (имн.)

Јас пак од врелата тераса на семејниот дом во Скопје со солза радосница се обидувам да го поткренам водостојот на семејната среќа.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Потем, прегратката траеше долго и беше проткаена со солзи радосници.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
А логотетот потем падна на коленици пред Филозофот и со солзи радосници почна да го моли да го научи и на други мудрости подобни и богоугодни, на сите уки и тајни откровенија што во себе ги хранат буквите и словата од родови разни, изумрени или живи.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Бабо, мамо, тато, јас... јас сум голем! Тие гледаа во него со насмевнати очи, а бабата ги избриша своите солзи радосници.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Беше навистина еден на еден. Мал, мал ама техничар, Давид го плесна со каменот од прачката Голијата средчело, сѐ се заврши мигум, Давид мигум фрли поглед кон скришната ѕвезда на небото и додека сите вџашени се прашуваа до прачката ли е, до каменот ли е, до раката ли е, мрзоволно киниса накај дома, како што денешнава младеж пред полноќ мрзоволно се качува на последниот автобус за приградската населба.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Ја остави прачката во долапот, како да потпевна прачка имам камен немам, па ја бакна мајка си в чело и цел ден и цела ноќ попусто чекаше да му подари солза радосница.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Дискретно си забришуваше солза, спонтано стркалана низ образот - беа тоа солзи радосници, чувството на блискост со младата генерација...
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Постарите жени со шамиите ги бришеа солзите радосници.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
2. Долниот свет Не оти сме слепци туку од што сме се одвикнале да гледаме блиску пред себе невешто се движиме со стап вперен напред и пипкаме: да не би да наидеме на змија, мудро немушта да не би да најдеме габа, солза радосница оти со години гледајќи далеку ни отапеа сетилата за светот тукашен па само некоја разорена и во мислите насетена ко привидение, стварност се тетерави без престан и бдее од страв да не исчезне ако се успие!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)