плот (имн.) - и (сврз.)

Амам: промена на смислата Не кога ќе влезеш и кога ќе те заплисне врел и непроѕирен воздух не кога ќе те поклопат капките разлеани по ѕидовите реата, мермерот, мрморењето не кога ќе те обземе вртоглавица зашеметеност од празнината на амамот, полна пот, плот и пареа не кога ќе те погоди како отсјај во сон светлината подадена низ розетата дозирано, од високо не додека студеното сонце-иње од карши ги облагородува дрвјата, релјефите, порталите, фасадите на сараите туку кога ќе потонеш гола во гротлото ко крвава рожба во исцедокот од водолијата тукушто прсната, за да може да се слизне низ пенџерето на животот (на)право во царството на немилосрдноста кога збунетото тело ќе помисли дека секое друго место е подобро ама ќе остане и понатаму - таму без да се помести кога ќе ја осетиш жешката вода како оддалечување од секојдневието, од агонијата на распадот (целото е мислена именка, далечно минато) кога ќе се престориш течен заборав божји благослов и ќе му се предадеш на телото мислејќи си ѝ се предал на психата егзотичното прелевање на смислата сѐ додека не се претвориш во прелив како таков кога ќе се испреплетат значењата едни со други и ќе се испретурат во кошницата на светогледот а ти ќе тргнеш во потрага по почетокот кога ќе сфатиш - Бизант е капија во темните агли на памтењето цела епоха е втисната како анатолиска крпенка во обичните зборови од твојот мајчин јазик во интимата на јазикот и се спровира низ капијата кон одаите и спалните дома кајшто по извесно време по извесна стварност потеклото се заташкува сродството се изобличува јазикот има свои потреби како и телото сфаќаш и тонеш во без-сознание зад јазикот, отаде нека почека ако те чека ... Истанбул, декември 2003
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Од ѕвездите и чуварот ноќен Гласот го обојува утрински Телефонирајќи здодевно И бесцелно за да го успори чекорот Оттргнувајќи го погледот од улицата Ја пресоблекува влажната кожа Ја везе со усвитениот знак на плотта И ја слуша песната на петелот Вивната во крвоскок до небеса
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Ме восхитува твојот говор без аскеза без пауза клесан ко глинен глаголски натпис обоен и обол, со густ внатрешен ритам на мит и лира на плот и жедба твоето лице ко отсутност изгребано ко ѕидини на древни светилишта од рески и црти шифри и датуми ко забранета и жигосана книга по којашто се топела душата и го прелевала својот акварел не повторувајќи ниту еден потег.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Од големиот стог се стркала сонцето на пат и уплашено од кучињата се разбега низ тесните сокаци криејќи се зад малите прозорци на куќите Триејќи ги очите селаните ги врзуваат немирните кучиња за плот И свирејќи, со косите на рамо се разлеваат со сонцето по ливадите.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)