клун (имн.) - по (предл.)

I Дождовите деноноќно врнеа; туриваа силно, поројно; не се знаеше што е небо, што е земја: споени беа, измешани, каша; урликаа реките, потоците, трапиштата, суводолиците; влечкаа од планините чакал, гнилеж, дрвја; се разлеваше водата низ селото ги поплавуваше дворовите, куќите, плевните, ќералите, кошарите, гаждарињата, бавчите, гумната, нивјето, трлата, елиците, стоговите, листовниците - поплавуваше сѐ; туфкаа луѓето не можејќи да излезат надвор, рикаше добитокот гладен, гракчеа кокошките бегајќи сѐ повисоко на кокошарниците и плевните за да не ги зафати водата што растеше; прегладнети удираа со клуновите по гредите и ќерамидите; кучињата пливаа низ водата влечкајќи удавени животинчиња за да се нахранат; гледаа тажно луѓето од куќите, од прозорците, гледаа во водата што растеше, во дождот што непрестајно паѓаше како да се истуриваше од некои небесни мориња; овошките во градините и дворовите стрчеа со ветките над водата како давеници што бараат помош; полесните предмети: сандаци, кошови, канти, каци и разно овошје, пливаа по водата, одеа каде што ги носеа брзаците.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
ја знаеш приказната за штркот и штрчицата, ме прашува, кажи ја, му велам, некој ѝ ги заменил јајцата на штрчицата што ги лежела, вели, а кога јајцата се испилиле, вели, штркот видел дека испилците не се негови и почнал да ја врти главата над гнездото, над голиштарците, и само штракал со клунот, замавнувал како човек што се крсти, вели, штракал и се гледал во испилците и во штрчицата, вели, а потоа викнал и други штркови да го видат срамот, вели, и тие ја истерале штрчицата настрана и долго штракале, се договарале за потаму, вели, и после ја викнале штрчицата назад и почнале да ја тепаат со клуновите по глава, вели, так, так, так, а таа само стои, а потоа ги отепале и голиштарците нејзини, вели, ги кренале високо и ги отпуштиле озгора;
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)