капка (имн.) - вино (имн.)

Тој на свадбите се честеше само со локум. Капка вино не ставаше в уста.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Дедо ми пушти цела каленица вино и кога каленицата го врвеше првиот круг, како и другпат, додека ние ги баравме врелите компири, ни допушти и ние да лизнеме по една капка вино.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Направи пак пауза отец Иларион, отпивна од чашата, ги избриша неколкуте капки вино на брадата што блескаа како скапоцени каменчиња на светлината и пак продолжи: - Свети Софроние Ерусалимски вели дека господ при создавањето на светот ги поделил битијата на времени, минливи - тоа се неразумните, а разумните ги обдарил никогаш да не умираат и да не се распаѓаат како материите што имаат времен карактер и што се појава, а не суштина.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Пукаат и пеат, а устите им се зацрвениле, како да имаат неизбришани капки вино.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тоа што си Французин не значи дека мора да сакаш вино, па слободно можеш да одбиваш да пивнеш и обична капка вино, а повторно да си бидеш Французин.
„Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин (2019)
Во лимениот сад завиткан во маслинеста чоја немало веќе ни капка вино.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Не бил фанариот, се колнел, не веќе распоп ами побратим или брат на светиот Гаврил Лесновски, дека во манастирот пеел на јазик на кој го научил да пее калуѓерот што го нашол по борбите со аскерот на пашата Лобуд, како што го научил да копа и да јаде половина од она што можел да изеде негов врсник, парче поскура, неколку маслинки и капка вино.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Трогнатиот отец Панделиј, последниот жив јунак од битките во Негуш, од ракијата дури малку и се сцрвел во лицето.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Со воздишка ја занишал матарката доближувајќи ја до необично малата школка на увото.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Потоа Геро го доискапи бинлакот до последната капка вино и екипата одеднаш клапна околу изгаснатото огниште, околу кое немаше ни ковче од речните пастрмки, а плетената амбалажа од црковното или селското вино се тркалаше по удолницата како празна кошница пред некој да ја прибере за пазар.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)