дланка (имн.) - ќе (чест.)

ЉУБИ, ЉУБИ КОГА СИ ВО ЉУБЉАНА љуби, љуби кога си во љубљана трипати љуби еднаш број кога си на тромостовје љуби на куб, љуби трипати на куб љуби, љуби шестпати по шест љуби колку што можеш да испиеш кригли пресно лашко во гостилницата шестица на улицата која до вчера се викаше титова замижи машки и љуби, љуби кога се качуваш со лифтот на врвот на неботичникот во центарот на градот којшто мижи кога љуби и кога ќе отвори очи цел живот ќе игра мижитатара љуби, љуби кога си во љубљана запни како кога се дава вештачко дишење уста на уста и ич не бери гајле што те сметаат за заостанат во развојот љуби, љуби кога си во љубљана и кога бараш ново скришно место за љубов иако има многу корпи за отпадоци ти сепак фрлај ги зрнцата од љубење по улиците за да знаеш по кој пат да се вратиш љуби, љуби кога си во љубљана овде никому не му е особено важно каква боја мирис и вкус има љубењето а не е во план и изградба на музеј на модерното љубење во кој ќе гори заборавено а ѓоа вечно оганче што ќе го подгрева здивот на засипнатите славеи а штом ќе нема музеј ќе нема ни модерни гатачки пред портите на музејот кои низ дланка ќе ви буричкаат низ иднината на љубењето како надминато минато љуби, љуби кога си во љубљана и ако цапнеш во некоја дупка на млечниот пат по кој се пентраш до емона речи си пу-пу машала ќе си најдеш ново љубење а на врвот на ридот секако ќе ги најдеш прешерн и неговата јулија како сркаат врел планински чај и на љубопитните им шиткаат бројаници од бакнежи и од мигови колку мигови трижпати повеќе бакнежи сите да ти велат ти да не веруваш ама така се рекло и нека биде така како што се рекло дека лично прешерн излеан во бронза крај тромостовјето севезден им врти грб на старите и штрби баби тадури и и’ го плазел јазикот на тишината како оној разбушавениот ајнштајн кој си го изгорел јазикот баш во хирошима и нагасаки којзнае дали тоа го рекол баш ајнштајн ама љубел не љубел времето си врви љуби, љуби кога си во љубљана љуби без наситка остај си малку време да се сликаш пред магистратот со лидија димковска и алеш мустар кои рака под рака влегуваат во мирисот на секое цвете и растат, растат миризливо љуби, љуби кога си во љубљана и да папсаш утре пак ќе ти се љуби љуби, љуби кога си во љубљана и имај на ум дека никој не знае што носи утрешниот ден и дали баш ќе биде нов ден ново љубење љуби, љуби кога си во љубљана и не заборавај дека си на запад, во европа каде што денешната работа никогаш не се остава за утре.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Како згрчена дланка ќе го сокрие во себе. а тој ќе знае дека акордот е сонуваната болка. тој акорд треба да остане таму, под клуч, в самица. никогаш повеќе луѓето да не сонуваат ножови, никогаш повеќе да не го чујат чемерното крцкање на прстите, стиснато околу неиспеано грло.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Со едната дланка ќе трга, а со другата ќе начекува.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Дај ми собитие што говори за лоши дела, и јас веднаш, под дланката ќе сетам темни букви, гласови темни, пискотници, студени слова од кои кожата се ежи; дај ми слово божествено и богоугодно, за големи подвизи што зборува, и јас веднаш под раката чувствувам гласови светли, букви топлокрвни, оган во писмото чувствувам, како кога љубениот на саканата писмо ѝ пишува.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Се откинува листот и мислиш право в дланка ќе ти падне, а додека го чекаш, поддувнува ветер, го разигрува и префрлува меѓу земјанките, на патеките.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Со дланки ќе ја исчистам патеката кон висините...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Се надеваше, пустиот, дека кога ќе го изведат пред суд, пред да му ја изречат однапред изречената казна, тој како последен аргумент, не како олеснителна туку како обвинителна околност, ќе ја отвореше стиснатата тупаница и на разголената дланка ќе ги изложеше искорнатите нокти од сопствените раце и нозе пред очите на целата јавност, барем во судницата ако не во земјата.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)