те (зам.) - замрази (гл.)

И што направи? — Секој те замрази и со прст те покажува.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
И уште додаде: Сакаат да им дадеш и, кога им даваш, ќе земат, но потоа ќе те замразат, зашто си им дал.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
црвената: пламливи, избувливи луѓе: што на ум, што в срце - тоа на уста, за една болвосерка - туриваат каца со мед; им пререче ли нешто, им се пикна во зборот, не ги поддржа, не им одобри - повеќе за тебе не држат, те замразуваат; додека имаат мака на алтан-терезија те држат, кога ќе им помине маката, за старо тенеќе те даваат; само тие како да постојат во селото; соседите ги тераат да ги врзуваат кокошките, а тие кучињата свои ги пуштаат кај што сакаат; кога ќе се впипрат во лицето - запелтечуваат; ако ти е фрлена шега, подбив, мунѕа - од нив е; се зафатија ли со нешто, наумија ли нешто - или ќе го сторат или раката ќе си ја отсечат; жолтата: колебливи во очи, во држење, во однесување; многу сакаат да слушаат, да чујат сè, а ни трошка нешто од себе да речат; во расправиите бегаат, не сакаат тука да се најдат; дома глас не им се слуша, како да не се живи; за мала работа трчаат кај соседите за совет; кога ќе им влезеш в куќи, не ги фаќа паника, ниту брзаат да те почестат; ако дедо им бил говедар, козар, питроп, полјак - таткото и синот и внукот се тоа; по гробиштата кога сите лелекаат и плачат, тие ги гаснат свеќите да не се трошат до крај; секогаш одат со навалени глави загледани во земјата како да бараат нешто што изгубиле или пак што загубил друг; кафеавата: рано легнуваат, рано стануваат; тешки во одењето, тешки во зборот; само за себе живеат; што било, како било - во нив останува; дома со седење те пречекуваат: ќе те измерат: кој си, што си, па ќе станат; за многу работи се прават дека не чуле; она што е нивно не го даваат на друг да се послужи; устата им испушта мед, а срцето пелин; кога ќе им дојде невеста во куќата, или ќе ја претопат - табиетот да им го земе, или клоцата ќе ѝ ја удрат; имотни се, но со прсти стегнати, кајафлии не се расфрлуваат и не арчат многу: дури и кога дечињата наутро ги празнат мешињата, ги празнат во дворот - да имаат што и кокошките да колвнат; избегнуваат кај што не им е по ќеф или кај што шерепере се зборува; жените со плетиво одат в поле, в планина, в црква, на молзење, в град по купување; кога даваат совет, не ти кажуваат сѐ докрај - нешто и за себе задржуваат; ако те засакаат - виделе нешто во тебе што им се допаѓа; кога ќе им се случи нешто лошо во куќата, одмерено плачат; кога се болни, не ѝ веруваат на болеста; со неа шетаат, со неа работат, со неа по веселби одат; ја носат, а гледаат кому да му ја прилепат; розовата (шеќерлијата): чаламџии, фодули, самобендисани, а купи ден - помини; на оро први; те сакаат додека имаат мака; јајце да варат, надвор го варат - да ги гледаат сите; од надвор куќата чиста, паќна, што се вели: азна, а внатре празна; што да се случи во селото - први разбираат; во разговор ќе те префрлуваат од рид на рид, ќе ти тргаат фурки - в очи ќе те лажат; не држат многу до зборот: речи - одречи; ти даде ли нешто, сите знаат; новата кошула ја облекуваат врз старата: кој да види да завиди; први се за гости, за јадење, за пиење, а кога ќе им дојдеш дома - им поминал светецот!
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Во Пансионот на видно место стоеја и Правилата за однесување со кучињата во кои пишуваше: „На секое куче треба да му се почитува правото на природен живот; не смее да се злоставува и да му се нанесуваат физички и психички болки; секое куче има право на заштита и нега; треба да се сака такво какво што е, зашто тоа не е во состојба да бира сопственик, а сопственикот го бира него; ако не чини, треба да му се помогне да се поправи, а не да стане жртва на лошото однесување и изживување; не треба нетрпение и брзање веднаш да се научи на сѐ, ами треба да му се даде време да сфати што се бара од него; не треба без причина да се разлутува или казнува, зашто и тоа може да изненади, да врати; првиот удар тоа го простува, зашто мисли дека е случајно удрено, по грешка, но ако по втор пат го удриш, сфаќа дека е намерно и тогаш ударот ти го враќа со уште поголема мера и те замразува со сета своја душа; тоа најчесто е само и нема никого освен тебе: разговарај почесто со него и самиот ќе се изненадиш како те разбра; љубовта со љубов ти ја враќа; и тоа, како и човекот, има своја судбина: не придонесувај да му е тешка; ако остари, ослепи или оглуви, ако стане неподвижно и остане без заби помисли дека тоа може и тебе да ти се случи, зашто староста е иста за сите; не однесувај се кон него како кон некој обичен предмет, зашто кога ќе го изгубиш, ќе видиш колку е жално; испрати го на неговиот последен пат и размисли дека секоја смрт, било таа и на животно, е загуба за сите: еден живот помалку на земјата”.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Велеше: - Продолжиш ли да им ја кажуваш вистината на тие, кои малку се подруги од тебе, па нека се мали и понижени, онесреќени, ама малку подруги од тебе, па макар да ти се блиску по друштво и по мисла, доволно да си малку поумен од нив, тогаш биди сигурен дека тие истите ќе те замразат и толку долго ќе те кодошат, додека не те уништат.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)