некој (зам.) - и (чест.)

Се редат муабети за Доста, се срамнува со другите невести и моми, се пуштаа по некој и друг комплименти, некои пристојни, други пресолени, како од Мариовци.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Една вечер, божиќни пости, Толе седеше со Јована и некои други Јованови другари, кога во кафето, од маса до маса, се пронесе тивок глас дека војводата Гоце Делчев ќе дојде вечерва во кафево да се види со своите пријатели и да проговори некој и друг збор.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Напротив, тој беше создаден за мечтател, во кого мислите знаеја да закружат високо, и во кого не едно чувство и не една желба се посреќаваа, се подгреваа, некои и се судираа, но никогаш да поминат во страст и во пројава.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Има многу наши од преку граница, од вашата ревизионистичка Југославија, наши бре, од иста етничка припадност и вера, пардон националност, кога ќе дојдат овде во татковината – мед и млеко откриваат, рајот го гледаат, некои и до Водачот стигнуваат, а кога се враќаат, друга песна пејат. Мизантропи.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Се чувствував како мрава под небесната капа над која стои некој и ја гледа, а тој некој не е Он, Господ Бог Седржителот.“
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Некои и не ме погледнуваа.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Ете затоа овие селани ја дочекаа и пладнината, та како што бидува обично кога човек има нужда, почнаа да ја продаваат стоката пошто-зошто, само и само да однесат некој и друг грош в село и да ја свршат оваа важна селска работа со Селим-бег.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Мислевме дека засекогаш сме се ослободиле од сталинизмот, но тој беше уште долго, долго во нас, кај некои и не се искорени никогаш.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Да, после почнаа сите да раскопачуваат нови ниви. Кога се зафати сета земја во Дрмине и во Батацине, почнаа да се префрлаат кон Задмартинец, Росуље, Лутешки Дол и на други места. Секаде кај што беше посложно и кај што можеше да појде вода. А некои и кај што не можеше.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ги фрлаат пушките и замаглуваат. Некои и се предаваат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)