некој (зам.) - насмевка (имн.)

Уште неразденето сака да се црпи светлина од бунарите на сеќавањето и да се варди да не се отпаси палецот на левата нога од каменот расцутен од болка утрата обично се зарипнати но влажните јазли на животот итро ползат до последните зраци светлина за ужина лепче и малку путер а заповедана е и по некоја насмевка да и‘ се најде на смртта кога ќе дојде багремите пред порта се заблудени од средниот век: градскиот воздух ослободувал мотика не влегува во леите на избавувањето во кои се впиени само бивши радости во највисоката школа на цинизмот: трудот ослободува и затоа нема дожд, за по дождот да дојде сонце.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Додека ептен не се стемнило редно е да се потроши уште некоја насмевка и да се направи уште една пируета во бескрајот на детството секако ќе има време да се забрише и правта од чевличките, малите бели чевлички па сите срамежливи погледи и палави мечтаења и сновиденија да се стуткаат како алишта во куферот има куфери што набабруваат од насмевки пред за последен пат да застанат на перонот на црната неизвесност тринаесетгодишната ханичка брадјова тринаесет пати се закашлува пред да се качи во возот кој има само последна станица ханичка тринаесет пати се сврте кон багремите кои од навика чекаат нова пролет за расцутување фрли поглед и на омиленото бело облаче на кое гулабицата неуморно павташе над седалото за недосмеани насмевки.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)