ми (зам.) - ќе (чест.)

Мајка ми и сестра ми ќе препукнат од радост. А поручек сигурно ќе ме поведат в кино а може и во слаткарница.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
- А твоите? - Ма, добро е што тој ден татко ми е на смена, а мајка ми ќе ја убедам да не ме испраќа дури до улица.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Нема! Не дозволувам. Син ми ќе биде инженер и ништо помалку од тоа.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
По толку години, брат ми ќе биде тука, во куќата во која сме растеле, и ќе можеме да се потсетиме на сите оние минати години, на луѓето и настаните, на нашата сиромаштија, на оскудицата која, во заедничкиот живот и топлата упатеност, се претвораше во доволност и радост.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Мајка ми и сестра ми ќе се зачудат, ќе ги рашират очите и ќе прашуваат: „Што е, кажувај брзо?“
„Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски (1999)
Се сеќавам, имаше една баба во соседството која кога мајка ми ќе месеше леб везден и велеше Софо дај малку од тој твојот леб...
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Мајка ми ќе нѐ собереше сите четворица и со часови нѐ анимираше крај брегот на морето.
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Било дел од парите што татко ми ѝ ги даваше еднаш во неделата, влегувајќи во кујната кајшто Рашела редовно седеше помагајќи ѝ на мајка ми, било кога мајка ми ќе ја испратеше кај нејзините со некоја понадица, а во неа беше главно сѐ што за делник или за празник се подготвуваше кај нас дома.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
- Свекор ми ќе чуе, ќе се разбуди. Тој ме варди ноќе за својот син, не за тебе.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Не сум клеко и не те пуштам. Или излези или ќе се спровнам низ прозорецов.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Дури и да се обидев да му се спротивставам, тој не ќе попуштеше, туку ќе почнеше да ми објаснува за некои опасни заразни болести што се добиваат од нечистотија, мајка ми ќе продолжеше во негов стил, а мене таквите нешта ми се страшно здодевни, зашто ги знам веќе напамет.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Болката за сестра ми ќе ѝ остане до крајот на животот.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Сфатив дека на тој начин ќе можам помирно да се олеснам, па го оставив тушот да тече цело време - што и да биде, си помислив, тетка ми ќе мисли дека се туширам.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Сигурно мајка ми ќе ме караше што така си дозволувам да ги вознемирувам луѓето.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Има мигови во кои лудите се издвојуваат од својата не-реалност, и во таа кратка пауза во времето чувствуваат некоја повисока реалност, како некакво претчувство за крајната испреплетеност на судбините кои сочинуваат соѕвездија на Земјата, кои можат да се видат единствено од некоја далечна ѕвезда. .
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Секогаш кога брат ми ќе си заминеше дома по кусите посети, јас легнував на креветот, го навлекував чаршафот над мене, држејќи го со прстите на педа над главата, и гледав во белото небо. .
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
А кога татко ми ќе донесеше по некој домат или мајка ми ќе дочекаше да узрее од нејзината градина, тогаш се менуваше бојата на нашето постојано исто тесто.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Сестра ми ќе го чекаше на портата и ќе викаше: Ајде тате дојди, донеси ми бомбонче, додека јас си велев – е, блазе ти стебе.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Кога татко ми ќе дојдеше од пазар и нешто ќе ни купеше за јадење, некои слатки работи, јас не ги јадев, на мајка ми ќе ѝ ги дадев, а таа ќе ми речеше – ти касни, треба да растеш, а јас ќе се навредев.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)