го (зам.) - облева (гл.)

И во моментите на вистинска радост и среќа, во нас останува една трошка осама, самотија, која доколку и за миг ја посетиме, го облева нашето битие и омјазот наш, го добива мртвилото на затворените очи.
„Записки“ од Милчо Мисоски (2013)
Доаѓа Богдан до нивата каде што мајка му го роди и легнува на меѓата под грмушката каде што го пуштил првиот глас и го облева чувство како повторно да се раѓа; ги дише тревките и билките околу себе чувствувајќи ги како мирис на мајчино млеко; гледа во сонцето што се провира низ гранките над него и му блеска в очи како тогаш кога се роди, го слуша пеењето на птиците како да го прославуваат неговото повторно раѓање; слуша крај него кркори браздичка со вода како превртена стомна; слуша во далечина ѕвон на стада овци и добиток, милозвучен што ја разнежува душата; зеленилото му ги исполнува очите со спокојство и милина.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Тоа душите на сите вљубени го облеваа сонливото небо до светлост.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Му се чинеше дека го разбираат уште помалку од тогаш и студена пот го облеваше кога се присетуваше на ироничното смеење на оние што тогаш требаше да донесат судбоносни одлуки.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Дното, во облик на водоскок, го облеваше блага, жолта светлина.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Ова е неверојатно. Жештина ми го облева телото.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Чувствував дека руменило ми го облева секогаш бледото лице.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Сонувачот, след чудните механизми на сонот, чувствува како го облева задоволство.  Макс Мертен фрла поглед на календарот и констатира дека е 13 октомври 1942, па помислува дали баксузниот датум е добар за ефикасно отплеткување на крупниот јазол, пред три месеци врзан околу вратот на еврејската заедница.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
А она за што треба да преговара - се фаќа Мертен за рачката на еврејската канцеларија местејќи ја срдечната, како што ја нарекува меѓу блиските, „филосемитска“ насмевка на лицето и молскавично рекапитулирајќи почна таа сабота на 11 јули 1942 на Плоштадот на слободата, во близината на пристаништето каде што од утринските часови се собраа над 9000 полнолетни мажи Евреи, а како часовите врвеа и еден сѐ поброен куп љубопитници, обични граѓани од сите возрасти, дами и госпоѓици и војници на отпуст, без задолжение во конкретниот зафат на кој тие 9000 души со часови, најнапред беа попишани, а потоа, терани да прават салта, да изведуваат глупави гиманстички вежби на врелото сонце, без заштита на главите, со бројни онесвестувања што на крајот го расипа првичниот весел впечаток и во присутните почна да создава непријатност и отпор...
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Само ретко, во ноќите со полна месечина, кога сребрена светлина го облева езерото, се случува, осамените намерници да чујат прекрасни песни што доаѓаат од сред езеро.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)