ги (зам.) - и (сврз.)

Инаку се и големи талкачи; талкаат со говеда, со овците, низ полето, ливаѓето и по ридовите; талкаат, ловат и риболоват, во Црна, во мртвиците, во Блатото,а поледелието и сточарството, иако им врват одлично, повеќе ги сметаат за нужности на поминокот и поводи за празненства, дедека становниците на Градиште, судејќи според она што останало по нив за да сведочи за нив, кованите пари, керамиката, разните украсни предмети од железо и преданијата, кои сегашниве жители на Потковицата, чувајќи ги и пренесувајќи ги од колено на колено, ги измешале до непрепознатливост, морале да бидат воини и инородци.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Добро чувај ми ги и пази ги.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Други видови на жапчиња, вклучувајќи ги и барските, лачат халуциногени сокови кои се лижат.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Студиите можат да бидат генерални или жанровски, вклучувајќи ги и истражувањата на посебните проблеми во преведувањето на поезијата, драмските текстови или либрета и на усвоените проблеми во преведувањето кое се користи во кинематографијата, сеедно дали се работи за синхронизација или за титл.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Во кочините започнаа да му се котат глувци гризејќи го салото од свињите и селаните ги уништија запалувајќи ги и кочините и свињите.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Во животот имаше едно правило: почитувај ги и восхитувај им се на делата од претпоставените.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Излезе на чистинката, на снежната белина, па чучна за малку, очекувајќи ги и своите следбеници, па кога уште неколку сенки се измолкнаа од под сенките на дрвјата, волкот претпазливо, лесно газејќи по замрзнатата површина на снегот, се упати кон плевната.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Кутриот, не ја разбира иронијата, си рече во себе, но сега за прв пат мораше да се огласи: - Другар Горски ве молиме вашите согледби да ги насочите кон живиот свет на Езерото, кон прашања битни за нивниот опстанок, доколку дојде до промени на составот на водата на Езерото, со градбата на хидроцентралите, со менување на текот на блиската река кон Езерото, вклучувајќи ги и јагулите, за што е предвидено да се преземат и посебни мерки.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Слечи ги и остави ги надвор.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Еден ред фати со нив, па истерај го пред нив, па друг ред фати, стасај ги и пак пред нив истерај го.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Сега, искуби ги и испечи ги, ќе ми рече, оти вечер, ќе викнам гости.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)