ги (зам.) - отпушти (гл.)

Мусли бег ги отпушти своите и сам, водејќи го коњот по себе, отиде под сенката на сливата.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
По три години од рестартирањето и сечењето црвена лента од тогашниот политички и бизнис естаблишмент – фабриката, за време на Светската економска криза (2008-2010), ги отпушти сите работници како технолошки вишок.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
По ова, оваа нова модерна фирма навистина вложи во набавка на најсовремени роботизирани машини – но, само за производство на декоративни плочки, и само во еден мал погон од огромната фабрика, додека остатокот или беше распродаден, или даден под закуп на други фирми.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Колку за илустрација, ако само машините и инвентарот од фабриката беа демолирани и однесени во отпад, како старо железо, ќе се земеше сума која е повисока од проценетата вредност за кое беше продадено претпријатието!?
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
И кога ќе почнеше сонцето да излегува од сртот на планината и тој излегуваше од дома, одеше во каменоломот и почнуваше да чука на камењата; по сенката што ја фрлаа камењата, знаеше колку е искачено сонцето, дали е време за ручок, ужина или да отпочине малку, да ги одмори рацете, да ги размрда прстите кои му се згрчуваа и прилепуваа стискајќи го долго глетото, да ги отпушти нозете отрпнати од долго седење или клечење.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Копачите се олабавија, ги отпуштија нервите затегани на пеколното сонце дваесеттина дена.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Но, се случи чудо: скалата стоеше, и јас на неа; сфатив дека идеално ја контролирам тежината, и полека ги отпуштив рацете од скалата, и ги раширив; потем со внимание ја кренав десната нога и ја качив втората гредичка, а потем и левата, и пак ги раширив рацете; скалата си стоеше како да е забодена во земјата.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Варзилото сам им го беше донел од бојаџиската чаршија на Тодора, на Паунка, и на мајката Јана, а кромидовите лушпи и цутовите од лутиче сам ги слупи и ги набра, и сѐ се радуваше дека жените ќе се зближат во радосното вапцување, а Тодора ќе ги отпушти дизгините.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
ја знаеш приказната за штркот и штрчицата, ме прашува, кажи ја, му велам, некој ѝ ги заменил јајцата на штрчицата што ги лежела, вели, а кога јајцата се испилиле, вели, штркот видел дека испилците не се негови и почнал да ја врти главата над гнездото, над голиштарците, и само штракал со клунот, замавнувал како човек што се крсти, вели, штракал и се гледал во испилците и во штрчицата, вели, а потоа викнал и други штркови да го видат срамот, вели, и тие ја истерале штрчицата настрана и долго штракале, се договарале за потаму, вели, и после ја викнале штрчицата назад и почнале да ја тепаат со клуновите по глава, вели, так, так, так, а таа само стои, а потоа ги отепале и голиштарците нејзини, вели, ги кренале високо и ги отпуштиле озгора;
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ни ги отпуштија вака на подот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И после наеднаш ги отпуштија кофите од рамената и удрија да трчаат кај нас.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И вистина, еден ден селото се возбуди. Дресерот при вежбата ги отпушти кучињата од раце, и тие, кога го пронајдоа Дукета, син му од кафеанџијата Јандро, во грмушката каде што беше скриен - му се нафрлија како ѕверки, како диви животни гризејќи го за раце, за нозе; му ги раскинаа алиштата и почнаа да го гризат по сето тело.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Таа целата почна да се грчи. Ги отпушти рацете од рамената на Елена...
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
И уште нешто: кога циркуската публика не ги пречекува кловновите со смеа и весели извици, ги отпуштаат од служба.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Имено, барањата за издавање на работни дозволи за странец, поднесени од работодавачи основани во Република Македонија ќе се одбијат ако: а) шест месеца пред поднесување на барањето за работна дозвола за странец, работодавачот ги отпуштил работниците вработени на неопределено време; б) работодавачот одбил да вработи невработено лице упатено од Агенцијата за вработување кое ги исполнувало бараните услови; в) во рок од три години пред поднесувањето на барањето за издавање на работна дозвола на работодавачот, му била изречена прекршочна санкција за сторен прекршок на одредбите на овој и друг закон, за незаконска работа или незаконско вработување; г) работодавачот покажал негативни резултати во работењето за претходната година, ако платите исплатени на неговите вработени биле под нивото утврдено со соодветниот грански колективен договор, ако ја прекршил законската регулатива за работните односи или ако не ги намирил своите обврски за даноци и придонеси (чл. 7).
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Предвидена е и обврска, во случај да ги отпушти работниците кои ги вработил по основа на овој закон пред истекот на периодот предвиден со овој закон, работодавецот да го врати износот на надоместените средства во еднократен износ со банкарска камата на средства по видување, освен за бројот на починати работници и работници на кои им престанал работниот однос по сила на закон (чл. 6).
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Ова е случај од праксата на АВРМ – Центар за вработување Велес, и тоа во повеќе приватни трговски друштва кои, поради економската криза во 2009, беа „принудени“ да ги отпуштат своите вработени.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Глас: Ги отпуштил неспособните војници. За сирачињата на загинатите определил помош.
„Еп на Александар Македонски“ од Радојка Трајанова (2006)
Александар виде дека заканите се залудни, коњот не обрнува внимание на нив, ами сака само да трча, веднаш му ги отпушти уздите, го спотна уште посилно, викајќи и удирајќи го со нозете.
„Еп на Александар Македонски“ од Радојка Трајанова (2006)