покаже (гл.) - дева (имн.)

Лете Ристос си игра со дечињата во дворот Полни ведро од бунарот Ги полева како цвеќенца другарчињата Навечер собира светулки со нив И се тркала низ покосената ливада А кога ќе заспие во тревата Кога ќе порасне во сонот Кога ќе заприлега на момче Од ридовите на летната ноќ Ќе се покаже Дева Марија За да си го прибере Исуса И го засолни Во ѕвездената постела на светото писмо Ние така заспани во трева И не ја видовме белата шамија во која беа завиткани клинци И не чувме како одѕива во ноќта Некој дури ни го ковеше крстот.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)