ѓурултија ж.

ѓурултија (ж.)

Само благодарејќи на големата братска љубов делбата стана со „арно — со мирно“ без кавга и гурунтија, барем меѓу браќата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Почна врева и ѓурултија во задните редици.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Мислиш ти не знаеме ние оти ќе кревате ѓурунтија овие дни?
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Го утврдија планот кој на кого ќе стрела и каде ќе се најдат во случај да се загубат во ѓурунтијата.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Тој досега не беше видел толку луѓе на едно место, не беше слушнал толку гласови одеднаш, не беше спал ни една ноќ во таква ѓурунтија и викотница како ноќеска, та затоа не можеше да предреме ни во зората, ами стана и појде на долчето, та се изми образ и се поосвежи од мамурлукот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Кажете ми сега, беше ли потребно да правиме од мувата слон и за ништо да креваме ѓулуртија?“
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Цел овој милет овде е ѓурулти милет. Гледај што направивте!
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
А што да се прави кога ќе се стане? Да се тргнат децата од оваа ѓурултија, да се најде некое поосамено место.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Мислата им се мајтапи и така куртулува, а оваа надворешна ѓурултија не ѝ може ништо: севдата се опнала како ластегарка и лета каде ѝ душа сака: маката пак, најтешкиот синџир, џврчнат со жежок белег, пак е само нивни и никој нема патечка до него.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Овде комшиите не галамат, не се дерат по улица, не мењаат уље на тротоар, не перат теписони на паркинг, не буљат у жена ти и ќерка ти, не тресат теписи на тараби, не се собираат на купчиња у недела од сабајле... Не постојат ни маалски ѓурултии.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Па дури и вревата и ѓурултијата на градското индустриско предградие беа придушени од разлистените лисја.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Требаше, пред да се крене ѓурултијата, да им дозволиме да ни ја напишат оние што најмалку нѐ сметаат за живи.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Во таа општа ѓурултија никој не забележуваше дека Никодин веќе подолго време се држи за градите, борејќи се за воздух.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)