усмев (м.)

На местата свои јунаците гинат по долг и по судба се другари први, во смртта со усмев на усните минат, да не жугне врагот, од страв да се здрви.
„Локвата и Вињари“ од Лазар Поп Трајков (1903)
ТЕОДОС: (Влегува во ноќна, долга кошула, со мазно од вечерта избричено, а мрачно лице, на кое никогаш, ни за миг не светнува осмевка и ведрина, со густи, накуштравани веѓи кои го оцртуваат намуртеното чело и го засенуваат, правејќи го уште постуден студениот поглед; со остар, отсечен говор, кој скоро никогаш не е разговор со луѓето, ни со најблиските, туку карање, викање на нив, на најблиските најмногу, со потценување дури и презирање преку волја, како и да не заслужуваат со нив да се разговара.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Кому да ја подарам таа среќа мала, тој кикот црвен, тој усмев палав?
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Не. Животот е темно чекање. Разочарани надежи. Неостварени мечти... Угасни ја усмевката. Угасни ја... или не...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Ја стегна трубата. Зачекори. Решително. Се исправи пред оркестарот сериозен, без усмевка.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
- Кажи ми, синиот плик - од кого беше писмото?... По нејзините бледи усни прелета усмевка.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Да знаеја само што мислеше тој, умниот, што носеше тој во душата, што си шепотеше кога беше сам и кога до усмев вистинито му се чинеше дека една бела, кротка и трепетна рака му го допира рамото.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Дали дека на него се обрати случајно погледот на жената што бараше објаснение, а сега го потсилува тоа усмевот на онаа падната мазилка што, сигурно поради посилната светлина во салата, и самиот станува поизразит пред неговите очи, се пренесува преку цртежите на ѕидот, како да му е тука местото, како да не е ова изложбена сала ами кујничето во кое сега жената и детето нажалени ќе се вратат, да заборават уште една ситна болка.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Но сепак уметникот како да чувствува дека нешто му се одѕива од овој цртеж на неговиот сожалителен усмев.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)