тврдоглаво прил.
тврдоглавост ж.

тврдоглаво (прил.)

Не еднаш тој отстапувал пред тврдоглавото упорство.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Волкот продолжуваше дури и да раздразнува со тоа свое останување, со таа своја валкана предизвикувачка храброст, и со тоа свое тврдоглаво чекање кога - тогаш тој да му падне меѓу неговите секачи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Единствената работа, што ја носеше тврдоглаво со себе, беше неговата долга француска пушка, која секогаш би била нешто лесно за носење, но сега тој многу често се наоѓаше себеси како веќе ја посегнал раката да ја соне од себе и да ја зафрли некаде во тоа модрило и еднаш да се спаси од крвавото жулење на нејзиниот ремен во рамото.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Снегот никако не запираше. Патеките што Бојан со упорност на крт ги прокопа до плевната, до потокот и до изворот, набргу бараа повторно чистење, зашто снегот тврдоглаво се пластеше.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Постојано и постојано пропаѓате. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Татко ми, како секогаш откога се разболе, молкум читаше во фотелјата, со грб кон вратата, далеку од куќата, во ужасната осама со која се мачеше себе си и другите, во која тонеше упорно, тврдоглаво, обземен од сопствената слабост.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
„Се сомневаш? Еве, ќе видиш - уште малку и готово.“ Тврдоглаво го убедував. „Уште тркалата да ги прицврстиме.“
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Застрашувачко продирање во сржта на мракот кој владее над Албанија во времето на Црвениот султан, како што го нарекуваа Енвер Хоџа, при што авторот останува тврдоглаво верен на својата почетна намера: да се откријат во ткаежот на балканските времиња за подобро да се согледа целата шара.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
О, бездушно, о, непотребно недоразбирање! О, тврдоглаво, своеволно бегство пред заштитничката љубов.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Заради потврда на сопственото дело во сегашноста, тој се потпира на минатото онакво какво што го согледува тој и во тоа настојување тврдоглаво ќе ги пренабрегне не само историските документи туку и фактот дека автентичноста на пронајдениот ракопис, колку и заводливо тој да нуди убедливост, не може да се провери бидејќи носи во себе субјективност на наменски пишуван животопис.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
„Ридот ништо не родил“, повторува тврдоглаво таа, „туку сѐ што дојде и сѐ што не успеа да се врати од тој рид беше дело на оние будалине што тргнаа да го освојуваат иако не знаеја што токму ќе треба да освојат.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
„Мојот Бог е далеку“, тврдоглаво се извлекуваше итрецот.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Можеби и тие имаат душа", тврдоглаво продолжи тој.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
„А тој? Таткото?“, прашував јас и тврдоглаво настојував да го расколебам.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Бараш утеха во подвижните прегратки, ш’шкавите симулации, брановидните форми, кадите и леѓените. перничињата на прстите се набираат, твоите се лутат, сонцето пече, но ти тврдоглаво го протнуваш телото низ гумениот обрач, и се фрлаш во базенот, ја потврдуваш акватската теорија: кожата ти е мазна ко на делфин, под кожата имаш сало и си се родил обвиткан во Vernix caseosa, поблиски ти се морските цицачи отколку некаков влакнест, копнен мајмун.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Откако избриша на левата и на десната страна, раката се концентрира само на една дамка пред Даниел, како во неа да имаше нешто тврдоглаво што одбиваше да се избрише.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Широките подискинати карти, распослани врз училишните табли, тврдоглаво го поврзуваа со зборот непристапност – небаре големите предградија сакаат да го заштитат од туѓинци и потем исползуваат за некое мрачно нечествие од типот на баба чиј остарен син, поради неа, воглавно, останува сам...
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Не знам што ја предизвикува така тврдоглаво безобразно да бега од мене, како од ѓаволот.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Така тврдоглаво стојат на ставот дека одредена пиеса која излегува од нивната театарска работилница е комедија, (а таа е обична лакардија), за актерите ќе кажат дека се одлични комичари, (а тие се обични хумористи - тоа што го реализираат на сцената може да се перципира како смешно, а не како комично).
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)