севишен прид.

севишен (прид.)

– „Море колку за нив знаеме оти се сторија од брат и сестра две пилиња, му рекле сите, туку тој век друг бил, кога шетал Господ по земи и светците, да слушале луѓето што зборувале, а пак севишниот век повеќе ѓаволот шета по земјава, да од тоа тебе не те веруваме да си бил штрк.“
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
1. Да пловиш или леташ Исто е, штом си вон од себе, Излезен од својата кожа, ум, Ако си небесен друм, Упатен кон Севишниот дух И ти дух си, невидлив, молчелив Делче од бескрајот од етерот Од ветерот кој те носи, носи, Тогаш што си? Небитие?
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Бездруго, и самиот пелтечав и под контузија, тоа ѝ го рекол - гневен е, не сака да дојде пред лицето на севишниот со погана навреда на совеста.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Шепотеше молитва што само тој ја знае; поточно: ја измислил со зборовите на некој предок, Јаков Иконописец или Круме Арсов, или некој што живеел далеку од нив колку и тие од него: ...нас сите со млеко од иста измитарена биволица нѐ доеле, господи наш севишен, и од еден склопец нѐ демнела сиромаштијата лутица, семето да ѝ се сотре и од правот нејзин да жугне берокуќничка добрина, и исти пијавици ни се плетеле место учкур околу папокот, орли врз темето лузни ни пишувале и штркови балабани низ грчмак срцето ни го ваделе и го пресадувале на новороденчиња, пред иста земја челото на камен сме го допирале, сме биле, не било не, не ќе сме, вечнаја памјат ни ...
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Господи севишен, ти ли ни внуши да бидеме судии со твое име на уста од која се испарила ракијата што кришум еден од друг ја пиеме?
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Се чекорело тетераво, никој не седел на двоколка, дури ни чкрботливиот Симон Наконтик - Господи севишен, повторувал, зошто не останав дома и не си го чекав на ониште судниот ден како што им доликува на причестените старци? - а Арсо Арнаутче, со секакви шамии врз окото преку кое минал турски јатаган, се потпирал со рака врз ѕидот на двоколката и само со една голема и засолзена црнка гледал во призрачноста на случките што останале на патот, најмногу во последниот настан во кој загинал од две стрелби пркосниот Борис Калпак.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Читав: „До уважениот везир, славниот мушир уредувач на светот, предострожен управител на општествените работи со прониклив ум, извршител на народните работи со правилен суд, градител на темелите на господство и среќа, кој ги зацврстува столбовите на среќата и сјајот, окружен со милоста на севишниот владател, до муширот на Румелискиот ејалет, мојот везир Ахмед Мулаим-паша - севишниот бог да му го продолжи господството, и до одличниот правник меѓу наибите, наибот на Монастирската каза - да му се умножи знаењето, кога ќе стигне високиов царски знак, нека се знае: Во бовчата за џезието во Монастирската каза отсекогаш имало по 98 листови од горна категорија, 950 од средна и 162 од долна категорија, вкупно 1112 листови на џизието, што се распоредувале на рајата, населена во споменатата каза, и нивниот износ се собирал од споменатата раја по утврдена процена.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Севишниот како да ги внел и во својот благослов кога нѐ создавал. Дедо ти имаше право.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
- Лошо претсказание, зборуваа старците. - Што ли токми Севишниот штом на ѓаволот душата си ја продадовме, на Исуса Христа заборавивме, говореа други.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Но, што е, тука е. Тука е. Ќе се тегне, ќе се дотегне како што напишал Севишниот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Бар Олтар и стаклен иконостас од каде севишниот нѐ прска со света вода.
„Три напред три назад“ од Јовица Ивановски (2004)
Овде само Севишниот можел да знае сѐ што се случувало, кога поединци и цели семејства ја минувале границата во времињата на војна.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Кога се случи, со клуч од една од одамна напуштените куќи на семејството, да ја отвори вратата од куќата крај реката, Татко, барајќи го постојано вистинскиот клуч на животот во новите предизвици на егзилот, започна да верува во Мајкината метафизика на враќањето, во нејзината поврзаност со Севишниот...
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Е, тоа беше златното време на шадханите од кое, фала му на Севишниот, и јас нешто фатив.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Елеазар има 79 години, и фала му на Господа, сѐ уште крепко здравје, па сепак ова патување, сходно на темата за која веќе неколку дена размислува, преземено на негова возраст, го смета за една од своите жртви кон Севишниот.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
„Не, фала му на Севишниот, не”, рече тивко Елеазар Корео.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Зарем богохулно е што се покорив на совршенството? Зарем тоа не е најинтимен допир со Севишниот?
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Не знам дали тоа ќе се случи денес или многу подоцна, тоа го знае само Севишниот, но кога и да се случи, мило мое, прочитај го ова што ти го оставам како единствено наследство што можеш да го имаш од мене и пристапи ми на судниот ден како дете кое за прв пат се соочува со животот.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Нека одлучи за неа севишниот. И, така, чекањето ми стана омилено хоби. ***
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Сѐ беше измешано на палетата, која беше во рацете на Севишниот.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)