расположба ж.

расположба (ж.)

И така, во пријатна расположба ги затече зората и градскиот телал Дуче со својот барабан.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Келнерот одвај се движи меѓу преполнетите маси, потонати во крајно распалена; страсна расположба.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Но таа... Целата вечер беше негде далеку - над и вон општата расположба.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Претпразничната расположба, инаку, ги конфронтира луѓето во два табора: на критичари - купувачи и критикувани - продавачи.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Татко ми, по овие зборови, ја оттргна мислата од книгата, ги спушти очилата и присобра сили да ја смири мајка ми, која не се сеќаваше кога ја видел во ваква расположба, па рече: – За утре ми ветија вреќа брашно.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Кога се обидов, тогаш јас сѐ уште во повоздигната расположба, да му речам да каже на сите, дека треба да се направи прослава по повод завршувањето на водоводот, тој се сврти: „Ами ние прославивме“, рече.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Татко, со одобрување и со видливо подобра расположба, го слушаше својот собеседник.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Значи расположбата во која се наоѓам во овој момент ја претставува онаа утринска прошетка на гасеници и полжави по штотуку оросените стебленца и младите лисја!
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Во една таква расположба, недела две пред самата Нова година, Пелагија и Чана заминаа од долното предградие кон центарот на градот, не со умисла да купуваат за себе или за децата, туку да го поминат центарот, да го изодат плоштадот, да завлезат во уличките зад него, да ги признат фотографиите на новиот филм во кино Младина, да излезат на дрвеното мовче преку кое ќе стигнат до малечкото плоштадче пред театарот, и уште потаму, до онаа грозоморна зградурина под Калето што ја викаа Фестивална а беше начичкана со бегалци, со Егејци.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Синот лекар знаеше за оваа Мајкина измама, но тој ја толерираше и ја стимулираше верувајќи дека, на тој начин, ја подобрува Мајкината расположба, нејзиното здравје, нејзиниот морал.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Милосрдната мајка Амелија ја почувствувала блажената расположба на Клементина и мигум замолчала.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Беше јасно дека се создаваше расположба да се продолжи разговорот започнат во моментот кога Татко ги откри скриените Мајкини знамиња.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Како зачувани отпечатоци на изгледот на минатото, не само на сценографијата и костимографијата на одвеаните времиња, на променетата топографија и географијата на просторот, туку, најмалку прелажани, и на пејзажите на човечкиот свет, лицата, изразите, односите, слабостите, емоциите, расположбите, душите.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Во сефардскиот печат, дури и во умерениот „Ел Тиемпо” го напаѓаа за неумерено покачување на рабинската плата, а уредникот Јицак Давид Флорентин, еден од угледните личности на Солун што ги запозна уште при првата посета на градот, дури без стегање напиша еден текст од секташки позиции: изворот на арогантноста - ѝ поминува низ мислите текстот што најмногу ги здоболе и Цви и неа - е ашкенаското потекло на главниот рабин; таму, според тој луд Флорентин, лежи причината за тешкиот, автократски и нееластичен карактер на главниот рабин, додека без срам потаму пишува дека „ние Сефардите сме луѓе со слатка, флексибилна и добродушна расположба”.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Небото, се чини, е глуво за сите молитви.  И во таа расположба... поаѓа првата композиција за Полска.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Го пишував писмото со расположба која можеше да биде на Мајка природно туѓа, ми идеше некаков восхит кој растеше од моите прикриени амбиции.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Според должината и гласноста на аплаузот се одредува степенот на расположбата на примателите на творечките импулси.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Но, не само политичарите се тие што стравуваат оти пукаат со ќорци во масата народ, туку во таква расположба се и некои чинители на уметничкиот израз.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)