разурнува (несв.)

Ги разурнуваа изгорените родни огништа и вадеа што не можело да изгори: лопати, мотики, копачи, синџири, пирустии и сѐ друго од железо.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Постариот внук му се обраќа со плачни очи: - Изворите на нашите фантастични претстави за младоста избиваат токму во оној стадиум на животот кога годините ги разурнуваат развиените форми на апстракција и посредно расудување, Дедо, (во меѓувреме дедото мора да седне, зошто помалото внуче му ја отсечува едната нога до коленото), наивно е да веруваш дека твоите спомени ја чуваат младоста неизменета.
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Страста е корен на сите гревови и зла кои го разурнуваат телото и душата и го навлекуваат гневот на бога; зашто тој сè следи, сè гледа; го гледа и она што за нас е невидливо; ни борави во мислите, ни ги открива намерите, тајните; се мачи и сè чини да нè одврати од лошите намери и да ни го покаже правиот пат.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Се држевме за малите прсти додека се опивавме од виното од кристалните чаши, последниот за заеднички подарок на нејзините разведени родители, додека ги разурнуваме, анализиравме и повторно, со итра победничка насмевка, ги градевме нашите вродени и здобиени емотивни комплекси додека гледавме како ѕвездата на новиот филм ја шмукува мекоста на остригата, додека ги одморавме телата, а во очите, низ единствениот прозорец на студиото, неосетно ни заспиваше жолтата градска есен.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Ние влегуваме во односи и ги создаваме со тоа влегување, ние излегуваме и ги разурнуваме односите.
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Ќе се послужам со цитат од приредбата, на која една наша соученичка рече: „Марксистичката револуција го разурнува целиот духовен свет; љубовта кон татковината, националното чувство, односот кон историјата, кон семејството, минатото и иднината“.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Тој страв, напати, го разнишува, уште повеќе, го разурнува просторот на мојата митопоетска концепција.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Затоа и побрза да додаде: - немам сретнато писател кој не е спремен со секоја постапка да ги разурнува скалилата на својот сон а притоа воопшто не забележува дека всушност трча по патот што води кон идеалната празнина.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Со години сум го разурнувала она што мој Благоја го градел”.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Потоа сфатив дека всушност станува збор за делови на лавиринт, бидејќи секоја патека завршуваше со ѕид што не го разурнува ни најсилната желба.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Ги убиваат Божјите пророци, ги разурнуваат твоите храмови!
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)