разделување ср.

разделување (ср.)

Подолу потписнициве велат: „Поради жалните резултати од таквото разделување на христијанското население во Македонија на разни групи непријателски настроени едни спрема други, ние уште пред издавањето на весникот „Балкански гласник“ се обидовме во вид на литературен клуб да основеме кружок што би имал за цел да ја обедини македонската интелигенција во Србија во едно цело, без разлика на убедувањата, и кој би се грижел за создавање единство на мислите сред македонското население.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
50. Сегашниот политички опит да беше бил кај Бугарите понапред, ќе се пристапеше прво кон разделувањето на сферите за влијанието во Македонија меѓу Србите и Бугарите, а после, во време на востанието, српските и бугарските војски ќе навлезеа во Македонија.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Други ќе расудуваат оти со полното отцепување, од една страна, ќе ликуваат нашите непријатели, коишто ги насочуваат сите свои сили да ги ослабнат балканските Словени за да си подготват почва за разделување на балканските земји помеѓу нив, а од друга страна, оти тоа ќе нѐ натера нас Македонците да се откажеме од нашиот прв долг, да се бориме за политичка слободија, да разрушиме сѐ досега направено и да зафатиме сѐ одново, така да се рече, од азбука.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Како обично, го испрати до над куќи и на разделување му повтори: - Побратиме знаеш кој пат ти е фатен?
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Не, тоа не ќе биде обично разделување и една младост попусто измината, разделбата ќе прилега на цврсто прегрнување на некој превој непознат далеку во иднината.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Се прегрнавме и нема разделување.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
На разделување да се прегрнеме Јас што нестанувам И ти што големеам Ела.
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
На разделување, учителот му ја стисна раката на Колета.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Одново го напуштам овој двор Со рака на усните за да не се чуе Што сакав да ѝ шепнам на мајка ми Некогаш на разделување, Некогаш кога цутеа црешите.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Најсигурно од сѐ е да се сепарираат (split-ing) овие меѓусебно поврзани делови и да се потиснат, што посигурно, сите инфантилни нагони во случај да се премногу перверзни, да се изврши што порано разделувањето и потиснувањето итн, и да се негира постоењето на било која од тие операции, за на крај да се негира негацијата.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Не можам да замислам начин за создавање „нормален” производ од суровините на личното јас, освен на некој ваков начин: еднаш кога ќе ги допреме матриците на нашите дистинкции, ги имаме правилата за нивно комбинирање и разделување во множества и потцелини.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
На разделувањето со Дардаванија, застанат пред триста и триесет и трите илјади играчки, измазнети, нагиздени како за на гости, со очиња оџарени од љубопитство и жед да тргнат по светот каде било, Дедо Мраз измавна со раката, одобри: - Навали народе!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Партијата не дозволуваше разводи на бракови, но го охрабруваше разделувањето во случаи каде што нема деца.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Во лифтот, пред разделување, се прегрнавме.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Овој отомански дел на Балканот му се чинеше како клет Вавилон во кој луѓето не само што го загубиле заедничкиот јазик туку останале и без кодовите на меѓусебното разбирање, кодовите на генерациските поврзувања и разделувања, поради промената на Бога, поради преселбите, идеологиите, фрактурите...
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Разделувањето со децата трае долго, најпрво Пелагија ги гушка и рони солзи, по неа Чана ги стиска во својата голема прегратка, мајката Роса како да испраќаше од своите ќерки и липтежот не можеше збор да изусти, потоа другите се туркаа, сакаа макар да ги допрат и така преку тие допири чиниш се надеваат дека и тие ќе стигнат до својот корен, до некој свој предок, роднина.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Чудно, толку многу блиски, си мисли Пелагија, а сепак разделувањето како да ни ги затвора срцата, освен овие километар два како да има и нешто невидливо што ни ја расипува взаимната доверба. Го чувствува ли истото и Чана?
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)