поединост ж.

поединост (ж.)

Мисли Зоки Поки, ги преметкува сите поединости од животот овде, па кога така ќе ги разгледа работите, некако полесно му доаѓа.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Фронтот како да беше поставен спроти свлетлината на хоризонтот; сега ќе треба да мине доста време додека војниците навикнат на темнината; тогаш ќе почнат да го распознаваат бришаниот простор пред себе и ќе го заборават хоризонтот од загледаност во заплашувачките поединости пред нив.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Србин мирно посматраше како темнината се одронуваше од стварните облици на поединостите во пејсажот пред него како роса, капка по капка, поронува некаде в земја.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Кутрите глави како светнаа! Стариот, се виде, во таа работа имаше извежбано сѐ до поединости. Глава од глава.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Земајќи ги предвид сите овие поединости, мислам дека нема да биде претерано да се предложи хипотезата дека со изборот на овој псевдоним Duchamp имплицирал дека самиот го достигнал статусот на посветеник.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Што да ви кажам... Ми се тресе тлото под нозете, сликите се удвојуваат, сѐ ми се чини кревко, како да ќе се сруши секој миг - зборувам како интелигентна особа која се изразува во метафори и нѐ гњави со поединости.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Потоа додаде и некои поединости за раскинот со својот најблизок пријател и соработник Адолфо Био Касарес, за одбивањето да се врати во Аргентина, за француското издание на неговите собрани дела во Галимаровата „Bibliotheque de la Pleiade“ (дотогаш единствените двајца шпански писатели вклучени во оваа серија беа Сервантес и Гарсија Лорка).
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Беше јасно дека започнуваше да се остварува невидливата, но најавувана и во поединости организирана реализација на казната, против моето однесување, моите зборови изречени во Атеистичкиот музеј и во двете кафеани.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
За поединостите на партиската доктрина Џулија не покажуваше ни најмало интересирање.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Истакнувајќи дека за нив и за биосветот на Езерото ќе зборува Горски, тој истакна: - Нашата Партија мисли секогаш дијалектички, интегрално и материјалистички во поединости.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Читаме, нѐ полнат книгите со секакви поединости, го слушаме преку нив човековиот глас, но подоцна животот ќе биде тој што ќе ни ги протолкува книгите.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ќе се сретнам со Агна, ќе ме прашува за доаѓањето, но ќе ѝ кажам само бегло, без поединости, сѐ дури не се завршат работите до крај.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
И сега, откога тој замина, ќе бидат уште погрди, ќе ги збогати тој нивните доживувања и нивната подлост со нови поединости.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Посматрајќи го, не се интересираше за поединостите на неговото лице туку сакаше да го добие и изразот општиот впечаток што неговиот лик го имаше.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Еднаш, кога се обидував да објаснам како се случи тоа мое кумство, поточно да потсетам на некои поединости од таа ноќ, Катерина се однесуваше како да не знае ништо за овој настан а притоа нејзиниот поглед беше исполнет со непотребната спремност да ме придружува во лагата што божем ја смислувам.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Знаев речиси сè, бев упатен во сите поединости, па сепак, не знам зошто, откако ја скрив срџбата зад широката насмевка, и понатаму седев спроти него и потпрашував.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Се разбира во посмртните изјави би можеле да најдат место и такви поединости како што е на пример податокот која личност , по кој повод и колкупати му го има загорчувано животот на починатиот.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Впрочем таа одамна знаеше штом и јас знаев дека љубопитниците се упатени во сите поединости.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Таа имаше две верзии за својот престој во Албанија: една верзија која ја знаевме сите, до поединости, и една друга верзија, само нејзина, којашто ја криеше во длабочината на својата тишина.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
- Ако веќе сакаш, не сум упатен и во поединостите сврзани со животот на мајка му.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Повеќе