подлетне св.

подлетне (св.)

Високата георгина уште повеќе се исправи, белите хризантеми си ги раширија листенцата подавајќи се на нежното милување, паднатите, жолти лисја подлетнуваа, а трите розови пупки - лесно нишкајќи се расцутеа од радост...
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Се враќам сега назад, ама со потскокнување, со подлетнување.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И штом ќе ја кренат коњите опашката тие се стрчнуваат, со подлетнување, и од изметот ја колваат зопта. Кој ќе биде побрз тој ќе превари.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Така подлетнував, господ да ми прости, само кога ќе ми викнеше да отспрегниме, да растовариме.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ниту се читам, ниту ме читаат. Преку ден скитам, ноќе пловам, Засонувам, сонувам, подлетнувам, Писмото небесно го исчитувам И на тоа писмо се восхитувам, Зашто и за мене нешто пишува
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Излегува мајка од дома: обула некои влечки набосо, ја врзала шамијата под гуша, и речиси, од место подлетнува.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И срцето се крева, подлетнува, жерав ми станало...
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Подлетнуваме од радост, а играме некои тешки ора: дали ,беранчето" или ,барјачето"?!
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Од гласот исплашена подлетна гугучката од иконостасот, направи неколку кругови околу упокоената и исчезна во утринската светлина на небото.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Не. Не се стрча Сане Сандин, туку подлетна, со леснина се поткрена над патот и зачекори во воздухот. Почна бргу да се оддалечува.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Веднаш до Стево Трајчов седеше Авни кој постојано гледаше во мувата што подлетнуваше и пак слетуваше на салфетката со розова боја распослана над бокалот со вода поставен на масата пред судијката.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Беше убаво, радосно расположен, чиниш подлетнуваше кога се искачуваше по скалите, упатен на чардакот каде што го очекуваше Татко со отворените книги за јазиците.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)