плот (ж.)

А бре, беќарче, младо беќарче, Ако си беќарке прескокни плотот, Ако си беќарке прескокни плотот, Ако си женето — скрши си вратот!
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Озгора од куќата своја, го гледаше сето село како на дланка, гледаше сѐ што се случува во него: во која куќа наутро најрано станале, во кој двор се трча да се фати кокошка за колење, кои жени, уште недорасонети се караат преку плотовите; кои луѓе не си ги користат домашните алиња, туку клечат зад копите и гаждарињата во дворот и бавчите; кој уште пред да зазори, како гробник, како волк, бега од некоја куќа и се провира низ плотовите за да не го видат кај која ороспија преспал ноќеска; на кои чардаци што се суши; која се потпалила, која се препокрива, која се довршува, кој последен излегува од кафеаната и го бара патот за дома, кој влегува и излегува од селото: за добро, за лошо.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На, гледај...“ ги вади од долапот и ги фрла пред неа; прва фотографија: Профим со жена си Профимица; таа е со испупчен мев, трудна; крај нив се сите четири ќерки: Царјанка, Девица, Венера, Андромеда; облечени која како се нашла во моментот кога сликарот дошол; зад нив: плот со оретчени плотици на кои стојат наврени празни грнчиња, стомни, чупки; дрво што се превиткало и со едниот дел влегло во фотографијата; Профим со поднакривена шубара и исшилени мустаќи подвиткани нагоре; едната рака ја држи префрлена на рамото од Профимица, а со палецот од другата рака притиска на малото џепче од копоранот; Профимица е забрадена со шамија тргната над очите, како да се затскрива од сонцето или како да се срами; втора фотографија: Профим и Профимица, сами; Профимица е со доста потпорастен мев; фотографијата е направена одблизу како за на ѕид или надгробна плоча; жена му ги држи рацете скрстени на мевот, а тој ја држи под рака; зад нив се наѕира вратата на чија клучалка висат потки од дрен и кукурек и дел од детската глава нацртана со креда на вратата и чијашто уста е развлечена во смеење; трета фотографија: пак сите заедно, но сега Профимица ја држи во рацете долгоочекуваната принова на куќата - бепчето Скрче; се гледа: фотографот имал голема мака додека успеал да го фати овој момент кога бепчето ги отворило очите, при што насмевката на Профим, од долго местење и стоење, останала како сиросана, како скаменета; девојчињата од пресилно блескање на сонцето, замижале и изгледаат како да спијат! четврта фотографија: Скрче качен на коњ.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Не ми се прима ни миризбата на нејзината женска пот, вели, на нејзината кожа, на нејзината плот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Којо Пипиле, гледајќи го Богдана како се нервира и лути на кучето кога ќе му лае и скока преку плотот, му рече: „Земи си и ти едно куче... Не седи сам...“
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Но кога се вели: прекрасен си ти Господе и чудесни се делата твои, тоа е така речено затоа што секоја плот, твар и ствар е во својот род совршена, и затоа што секоја се наоѓа во тесна врска со другите створови и сотворена е за извесна неопходна цел.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Им ги враќам шарките и белезите од животот во селото расштркани по стреите и гумната, закачени и виснати како избледени панделки и крпчиња по глоговите, по плотовите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Од ѕвездите и чуварот ноќен Гласот го обојува утрински Телефонирајќи здодевно И бесцелно за да го успори чекорот Оттргнувајќи го погледот од улицата Ја пресоблекува влажната кожа Ја везе со усвитениот знак на плотта И ја слуша песната на петелот Вивната во крвоскок до небеса
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)