обземен прид.
обземе св.

обземен (прид.)

Мече си седна под сенката на еден багрем, ја закуба нервозно тревата околу себе и сосема заборави, обземен од свои мисли, на оние што долу, крај реката, запотени под пекот на сонцето, го чекаа нетрпеливо.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Крај огинот останаа само Аргир и Веле. Обземени од своите мисли, тие и двајцата долго стоеја загледани пред себеси, без да проговорат или да кренат очи да се погледнат.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Обземен од страсниот творечки порив, растреперен до крајни граници, сликарот длабоко ја почувствува душата на овој крај и со целото свое суштество копнееше да го оживи на платното... Но како?...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Везири, припадници на султанската свита, обземени од безумната желба и жедност за власт, сите го нашле своето место.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Лисјата на дрвјата го почнуваат својот внатрешен немир; избувнуваат, пламнуваат и гаснат во севозможни бои; капат и ги покриваат двете патеки што водат до куќата на брегот: едната се витка по брегот спирално криејќи се меѓу дрвјата, а другата искршена како недоотворено мајсторско метро, се крева нагоре од едната страна во ци-цак; птиците црцорат, прпкаат низ крошните, ги ронат лисјата обземени од возбуда на своето скоро заминување во други краишта.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Твојот поглед ги прескока деталите на залезот обземен од проретченото време кон кое се стремиш.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
И тоа што Јанческите не знаеја или не сакаа да кажат како изгледал и што зборувал ајдутинот, (Велеа од што биле обземени од жал за стрика Анѓела и од што се стаписале од страв кога влегол ајдутинот низ Мала врата сега додаваа сам си отворил, не виделе како изгледа дури одвај и разбрале што им зборува), и тоа што не лавна ниту пес и што не шавна ништо друго што е живо, и тоа што утрото не се најдоа никакви траги ниту од Бошета ниту од ајдутинот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Беа обземени од нејзината милина.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Салото под елекот закитен со тежок сребрен синџир му се бранувало од задоволство додека ја гледал толпата обземена од тапа љубопитност, пред секакво чудо и сите што му биле и што ветувале дека ќе му станат купувачи на басма, шајак и јамболии можеле да се восхитуваат и да му се чудат - коњот пиел вино од поило и по команда се исправил на задните нозе.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
- Море ти си коба! Ти си чумино дете! - му свикаа некои од селаните обземени од жалта за своите умрени и од страв од болеста го зграпчија да го фрлат во варницата.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Во својата итроштина жените биле обземени од чувство на победа.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ја изгубив сметката на времето и се најдов меѓу изгубените од дружината, врел, со развеана коса и со очи обземени од копнеж без сочувство на луѓе што еднаш веќе минувале по светлосната врвица на првата младост.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Не знам што точно но има нешто што може да се стори преку реките лесно и непречено да се минува зашто само така, потоа, животот ќе го стори своето, заклучив бидувајќи целиот обземен од сината светлина во која белата ја снема за заборавање.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Сите беа обземени од судбината на Чанга. Тој беше нивна судбина.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Напладне, кога ние децата бевме обземени од игрите во дворот, мајка ми ќе ги собереше последните сили, па од брашното донесено од татка ми, се обидуваше со нови волшепства, со играта на своите прсти, кои како да не го имаа заморот на телото, во пресметувањето со секогаш истото тесто, да ни подготви нов ручек, различен од вчерашниот.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
„Благодарам!“ воскликна таа. „Пахх!“ викна и одлета под јаболкницата обземен од тмурните мисли.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Веќе споменавме што се случува: 1. Ориентацијата на сопственото јас е примитивно орална; обземено со недоумица како да ја одржи својата животност, додека при тоа е престрашено да се впушти во што и да е. Тоа е очајно и прежеднето.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Додека другите спијат сонувајќи убави нешта, обземени од болно сладострастие, вршулејќи на полноќниот мраз, тие ги заведуваат добрите, простодушните, со игра која води до слепило.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
И еден ден кога сета душа ќе му биде обземена од слепата јаничарска моќ, ќе започне да ги разместува народите, да ги заменува верите со комунистичката идеологија, да ги укинува старите азбуки на народите, по цена на милионски жртви, постапки кои се ширеа заразно и долготрајно и на балканската духовна почва.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Диктаторот е обземен, со својата апсолутна моќ, од идејата како да ја припитоми вечноста, за да ја догради својата идеолошка пирамида, внатре во облик на лавиринт со седумстотини илјади бункери во кои сака да ја сокрие судбината на својот народ принуден, осуден и жртвуван да му верува.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Повеќе