наспроти предл.

наспроти (предл.)

Во еден агол, наспротив него, седи друг црнец.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Тие двајца не смеат никогаш да застанат еден наспроти друг. „Јано, зошто бог јаде лубеници?“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Се сретнаа недалеку од наредените црвени автобуси опседнати од шаренолика толпа и застанаа еден наспроти друг, со испитувачки погледи и затворени секој во себе. „Па здраво“, зачекори кон него Отец Симеон, гаменски исправен и со забуцани раце во длабоките џебови.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Се додржуваше на тоа место, застанат и обидувајќи се да нанишани, наспроти на тој ветер, со последните сили. Еднаш успеа и да фрли.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
РАЈНА: Моето бившо либе или твојот бивш прв другар? (Му дава да јаде. Седнува наспроти него.)
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Во јули застанат во вашиот двор да ја кренам раката наспроти сонцето и внимателно движејќи ја низ воздухот да се одрзува сенката на секој нејзин потег како оган што да го нагризе ѕидот сѐ дури мислата на тој цртеж не се вглоби во душата на каменот сѐ дури среде ова болно јаве на животот ѓаволски убава одново не се покажеш ти наведната како му ги замиваш раните на вашето болно ждребе и гледаш на мапата на неговата засушена крв пат што скршнува кон вилински езера и коњ на патот што `ржи самоти ѕвездите и стебленце бела бреза што се ниша над младичот.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Наспроти мракот – стои сонцето! Наспроти животот – музиката!
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
И ете, наспроти сите божји нешта, Сега луѓето застанати на прозорец гледаат и се крстат: Точно во таа доба и од страна зад која исчезна таа Квечерина, заедно со ѕвездите - изгрева и сонцето.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Интересно е во Варшава,наспроти огромното здание на Домот на културата, да се види осамената убавица - новиот хотел „Форум“, граден според шведска лиценца и со шведски кредити.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
го врти ко пергил, ко шупливо оревче, далги ко куќи, ко ридови, небото го досегаат и тогаш многу повраќавме на бродот, ете, си велиме наспроти глава ни било трчањето, ама враќање нема, гледаш само вода и сонце, сонце над водата, сонце во водата, ѕвезди над нас и ѕвезди под нас, мислиш си залидал некаде во небесата, меѓу секавиците што се палат,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Руменилото на здравите момински образи за миг минуваше во проѕирност на бела хартија наспроти сончев зрак.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Наспроти нападното согласие на зборот и гестот, стават ѝ беше дури свечено мирна.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
...големиот закон на природноста наспроти квадрантите промислата наспроти оправдувањето лебедот наспроти кристалот крв слободна од телото се простира пред окото зад извикот таму каде чека твојата сребрена чевличка твојот заден траг... знаците од сонот или сонувачите како алтернативци ...отежната од змиските клопчиња гранките се веднат скоро до паднатите лисја зошто оттаму од живите шуми ме потсеќаш на своите боси стопала јас не сум лошиот родител ниту ти оставеното дете тие чудовишни црнобели слики се сосема предвидлива компензација за отсатноста сонот место допир декорот го бираме наизменично ноќва се моите змии шумите следната ноќ возењето во спротивна насока распарченото тело на асфалтот крваво што го љубиш осветлена во трикото на невина балерина потоа јас летот над градот по ехото на твојот глас па ти појадокот во природа со заборавените заеднички пријатели...
„Или“ од Александар Прокопиев (1987)
Тоа се случило во последната година на деветнаесеттиот век, пред Велигден на седум или осум дни, еден наспроти друг стоеле крај жолта чеза со спрегната кобила и со бело ждребе - црвенокосиот бег куп стврднато нишеста во кожа и облека и попот Зафир Јосков Вртипоп, испотен човекојадец во долга мантија, и се искажувале почести како двајца великани, првиот со имот и власт, вториот со знаење да ја надитрува смртта.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
2. Ги построи своите војници – штитови посјајни од оган, мечови што болскаа наспроти морето, им го раздели сето богатство на Македонија, го зеде мечот во десната, левата ја крена кон небото и тргна во походи.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Крај нас минуваше чичко Ѓорѓи, комшијата кој живее во станот наспроти нашиот.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Паметам како цело село наспроти Света Петка штутевме да не удри клепалото за да се прекрстиме сите и утредента пак да одиме на утрена.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Онисифор Проказник здробен во метежни визии го сонувал искинато и многу поинаку отколку што го доживеал дневниот настан во кој пукале еден на друг и се колеле меѓусебно луѓе што никогаш не се виделе, што не ги знаеле дребните радости и јадрите маки на своите случајни противници и кои судбината ги соочила среде крстопат на животот и смртта, ги поставила со своја умешна но и подмолна стратегија едни наспроти други, кукулинците, во игра на случајноста, со повеќе љубов за дружината отколку за осумте горјани што најпосле и не морале да се арамии или наемници на оној сур и таинствен Али-бег со повеќе прстења од злато и секакви скапоцени камења на рацете отколку што имал влакненца по рабовите на црвените, некако чудно вжештени очни капаци за кои најмалку еднаш годишно барал мелем против јачменчиња.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Наспроти здравата, практична логика на мајката која му беше неопходна да опстане низ најмачните искушенија, сега, по сите порази, татковиот дух беше оној под чија власт потпаѓаше.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Но, кога тој се појавува, беспомошен млад човек, облеан со солзи и со болникаво бледило, наспроти сиот бесен врисок на мнозинството околу мене, во себе чувствувам некоја нејасна сродност со него.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Повеќе